Оние кои викендов беа присутни во нашиот најголем туристички центар во државата велат, во Охрид имаше сè, и концерти и луда забава до раните утрински часови, и туристи и турканици, само немаше растојание и маски. За жал, и покрај зголемената бројка на заразени, која бележи повеќекратно покачување во однос на изминатите недели, посетителите на Охрид не изгледаа воопшто загрижени. Пандемијата очигледно за присутните беше на некое друго место…    

Во Охрид овој продолжен викенд за Илинден, во кој температурите го надминаа четириесеттиот степен, вриеше од народ. Посетители имаше од сите страни на државата и пошироко, а не изостанаа и странски туристи и наши гастербајтери од преку океанот, кои дојдоа во нашиот најголем туристички центар да се разладат, да уживаат во езерото и да проследат некој од концертите. Така, оние кои беа присутни велат, во Охрид имаше сè, и концерти и луда забава до раните утрински часови, и туристи и турканици, само немаше ковид протоколи, држење растојание и маски.

За жал, и покрај зголемената бројка на заразени од ковид-19 која бележи повеќекратно покачување во однос на изминатите недели, очигледно посетителите на Охрид не изгледаа воопшто загрижени.

Извонредните концерти во Античкиот театар, на кој овој продолжен викенд настапија „Фрајле“ од Нови Сад, овој пат како трио со оглед дека ги напушти Марија, која ја продолжи кариерата како композитор, но и познатиот хрватски пејач Петар Грашо, миленик на женската публика, привлекоа голем број фанови кои со радост ги дочекаа нивните настапи. Целосно обземени од музиката на познатите музички ѕвезди, публиката ги пееше нивните хитови и играше, но во целиот тој занес, речиси никој не обрнуваше внимание на пропишаните протоколи за заштита од ковид-19, па така кренати на нозе, еден до друг и без маски, целосно се препуштија на музичкото уживање. Пандемијата во тој момент очигледно за присутните беше на некое друго место.

Но, не беше вака само на концертите.

Ништо подобро не беше ниту на охридските улици, каде што река од возила од раните утрински часови постојано врвеше кон околните плажи. И додека се слушаа свирежи и по некој пцост, полицијата се обидуваше да создаде ред.

Без маски и со турканици се чекаше ред и за слободна маса во охридските ресторани кои првпат по подолго време беа полни. Пред угостителските објекти се создаваа редици од оние кои чекаа некој да стане за да можат тие да седнат. И додека навечер најпосетени беа рестораните и кафулињата, преку ден истата слика можеше да се види и на охридските плажи.

Водени од тоа дека на отворено не треба да се носат маски, не се внимаваше ниту на растојанието. Се бараше лежалка и повеќе место.

Оние пак, кои најдоа слободно место на плажите, својот оброк од блиските кафулиња и ресторани за брза храна, со турканици чекаа да им се подготват нарачките.

Гужви имаше и во чаршијата и на кејот, впрочем во сите делови на Охрид и на секоја плажа. Секој сакаше да фати дел од летната атмосфера во нашиот туристички бисер и да се разлади од горештините. Останува само прашањето колку ќе не чини ова задоволство, со оглед дека во државата веќе почнаа да се создаваат нови кластери на заразени…