Во новите 35 еко автобуси ќе се возиме од април идната година

252

Под услов тендерот да биде успешен во првиот обид, очекувано е новите автобуси да се пуштат во сообраќај во април 2020 година. Допрва ќе се одлучи на кои релации ќе сообраќаат новите еко автобуси. Договорот за користење заем од ЕБОР во висина од 10 милиони евра беше потпишат во јануари. Со тие пари плус со 1,8 милиони евра од сопствено учество на ЈСП треба да се набават околу 35-те нископодни (зглобни и моно автобуси).

Објавен е меѓународниот тендер за набавка на нископодни ЦНГ автобуси за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје(ЈСП). Тендерот ќе се одвива во две фази. Во првата фаза, рокот за поднесување на документи е 3.5.2019 година.
Очекуван почеток на договорот е 8.7.2019 година, со времетраење од 9 месеци.

-Под услов тендерот да биде успешен во првиот обид, очекувано е новите автобуси да се пуштат во сообраќај во април 2020 година. Допрва ќе се одлучи на кои релации ќе сообраќаат новите еко автобуси, велат од ЈСП.
Од таму псоочуваат дека еко автобусите имаат повеќе предности. Новите автобуси ќе овозможат побрз и пофункционален јавен превоз, а значително, со новите возила, ќе се придонесе и за подобрување на квалитетот на воздухот.

-На улиците ќе се вратат зглобните автобуси, кои имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните, овозможуваат побрз проток на патниците низ возилото што влијае на скратување на времето потребно за задржување на постојките, што ќе овозможи и зголемување на фреквенцијата на возилата. Во новите автобуси ќе има можност и за валидација на најмалку две места во возилото.
Сето ова, автоматски на граѓаните ќе им овозможи побрзо да стасуваат до крајните дестинации, отколку сега возејќи се со кинеските автобуси, потенцираат од ЈСП.

Од претпријатието истакнуваат и дека користењето на возилата на гас, во голема мера ќе го намали и загадувањето на воздухот, бидејќи тие емитуваат значително помалку ЦО2, а речиси и да не емитуваат ПМ10 и ПМ25 честички. Споредбено со потрошувачката на старите дизел автобуси, овие ќе трошат речиси двојно помалку гориво што придонесува за економска исплатливост и подостапност за одржување на новите автобуси во однос на кинеските и украинските.

-Во случајов, ЈСП ќе може да заштеди на трошоците за гориво, одржувањето и резервните делови на новите автобуси, а парите да ги искористи за натамошно инвестирање и унапредување на услужната дејност на претпријатието. Раководството е убедено дека сите наведени клучни карактеристики на новите автобуси ќе гарантираат зголемен квалитет, пристап и безбедност на јавниот превоз и ќе бидат причина плус за голем дел од граѓаните користењето на автомобилите да го заменат со јавен превоз со што ќе придонесат за намалување на сообраќајниот метеж, а пред се директно ќе влијаат на подобрувањето на квалитетот на воздухот, велат од претпријатието.

Договорот за користење заем од ЕБОР во висина од 10 милиони евра беше потпишат во јануари годинава во Министерството за финансии. Со тие пари плус со 1,8 милиони евра од сопствено учество на ЈСП треба да се набават околу 35 нископодни (зглобни и моно автобуси). Кредитот е добиен под исклучително поволни услови со каматна стапка од еуролибор плус 1 процент, рок на отплата од 10 години и грејс-период од три години. (С.Бл.)