Во НЛБ-галеријата: Eкспериментален цртеж на 25 македонски уметници

223

Во присуство на голем број љубители на уметноста вчеравечер во НЛБ-галеријата во Скопје беше отворена изложбата „Цртеж – Експериментален цртеж“, на кој пред присутните се претставени дела на 25 македонски уметници кои се претставија со едно или две дела.

Наградата за најдобар цртеж ја доби авторот Кирил Гегоски, за делото со наслов „Цртеж-2019“

Проектот, како што велат во ДЛУМ, кој е и организатор на изложбата, тежнее кон процес на крајно радикални отстапувања од институционалните вредности на самиот цртеж и неговото „ограничување“ и поврзаност со медиумот хартија како негов фундамент т.е. поддржувачки материјал. Иако цртежот е во целост независен медиум, основниот акцент за овој концепт е ставен на критичкото преиспитување на природата и вредноста на цртежот во комбинација со широк спектар на уметнички и технички  дисциплини.

На изложбата беа прикажани цртежи кои можат да бидат дефинирани и како копродукт на други видови на креативни процеси.

Сите селектирани дела ги прикажуваат основните на современиот цртеж почнувајќи од развој на линијата на пикторијален план, па сè до неговите дигитални модификации, со што се потврдува неговата линеарна автономија и неговата концептуална контрола над останатите медиуми.

Изложбата е продажна, а ќе биде отворена за јавност до 1 август.