Во недела нема да се работи, прашање е дали од октомври или ноември!

Од Министерството за труд и социјална политика апелираат што поскоро да се изгласа законското решение со кое во недела нема да се работи и кое треба да стапи на сила на 1 октомври. Работодавците се надеваат дека законското решение кое е важно и за работните места и за животниот стандард на работниците ќе биде изгласано. Според нив, блокадата од на законот од страна на опозицијата е уште еден доказ дека без оглед на моќта на работодавачите, синдикатите и невладиниот сектор, сепак дали и кога ќе се донесат одлуките зависи од политичките партии и пратениците како што се покажа многупати досега

144

На помалку од десет дена пред рокот за стапување во сила Законот со кој недела треба да биде прогласен за неработен ден сè уште се расправа во рамки на матичната собраниска комисија. Од Министерството за труд и социјална политика апелираат што поскоро да се изгласа законското решение со кое во недела нема да се работи и кое треба да стапи на сила на 1 октомври. Работодавачите се надеваат дека законското решение кое е важно и за работните места и за животниот стандард на работниците ќе биде изгласано. Според нив, блокадата од на законот од страна на опозицијата е уште еден доказ дека без оглед на моќта на работодавачите, синдикатите и невладиниот сектор, сепак дали и кога ќе се донесат одлуките зависи од политичките партии и пратениците како што се покажа многупати досега.

За неделата да биде неработен ден потребно е да се изгласаат измени не само во Законот за работни односи, туку и во Законот за трговија, бидејќи се предвидува вкупно 42 дејности да бидат исклучок.

Според премиерот Зоран Заев доколку Законот за недела неработен ден се донесе сега ќе се донесе подоцна, односно ќе стапи во сила тогаш кога ќе биде изгласан.

– Не гледам лошо да се донесе Законот за недела неработен ден. Го чекаат работниците во државава. Искоординирано е компаниите и коморите зошто да го блокираме? Ако тој се донесе денеска од следната недела буквално или преку таа, стапува на сила после 8 дена од донесувањето, многу работници конечно во недела ќе бидат со своите деца и со семејствата. Тој ќе се донесе веројатно ноември, декември ако биде сега блокиран во септември, но ако се донесе час поскоро, работниците ќе можат да го уживаат своето слободно време со децата. Важно е семејството многу, а притоа неделата знае да наполни батерии за понеделникот и за работа итн., вели Заев.

Сепак за разлика од синдикатите кои се нетрпение чекаат да се донесе законот, на работодавачите оваа блокада донекаде им одговара затоа што бараа негово одложување поради фактот што фирмите сè уште не закрепнале од кризата со која се соочија поради пандемијата.

-Блокадата на законот за недела неработен ден на некој начин им одговара на работодавачите, но во духот на социјалното партнерство ние ги почитуваме заедничките одлуки донесени заедно со Владата и синдикатите. Поради тоа сметаме дека оваа законско решение кое е важно и за работните места и за животниот стандард на работниците ќе биде изгласано ако не сега подоцна сигурно. Но, ова од друга страна покажува дека без оглед на моќта на работодавачите, синдикатите и невладиниот сектор, сепак дали и кога ќе се донесат одлуките зависи од политичките партии и пратениците како што се покажа многупати досега, изјави за ВЕЧЕР, Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија.

Според него, работодавачите на почетокот се спротивставија на донесување на ваков закон, бидејќи најголем дел од бизнисите особено оние во пограничните региони за викендите, односно сабота и недела имаат најголем промет и остваруваат најголеми приходи.

За околу 92 проценти од работниците во државата недела ќе биде ден на неделен одмор. Работниците во дејностите кои се неопходни да функционираат, ќе добиваат за 50 отсто повисока дневница. Трговските центри во недела ќе работат само во една смена, од 10 до 18 часот, а вработените ќе добиваат 100 отсто повисока дневница за работа во недела. Трговските субјекти во моловите ќе имаат обврска да уплаќаат износ во висина од 2 отсто од остварениот промет во недела во Буџетот, а овие средства ќе бидат искористени за основање на нови детски градинки.

За спроведување на овој закон се потребни дополнителни финансиски средства од државниот Буџет. Врз основа на расположливите податоци за бројот на вработени во јавен сектор, кои би работеле во недела (30 проценти), просечната плата во земјата се проценува дека фискалните импликации би изнесувале околу 43.100.000 денари месечно, односно 516.600.000 денари на годишно ниво.

(А.С.)