Во МКЦ ќе се одржи европскиот фестивал за анимиран филм Flipbook Film Festi

39

Првото издание на Flipbook Film Festival ќе се одржи од 7 до 9 август, на отворено во паркот на МКЦ. Фестивалот ја промовира уметноста на современиот европски авторски анимиран филм и на македонски авторски и студентски филмови.

Од пристигнатите повеќе од илјада кратки филмови од цела Европа, беа селектирани вкупно 87 филмови во три натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм. Во главната селекција на најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 25 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година, меѓу кои победници на Санденс, Берлинале, Анеси, номинирани за Оскар. Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 25 филмови.

Во главната, студентската селекција и во панорамата ќе бидат прикажани дури осум македонски анимирани филмови, повеќето премиери за македонската публика. Во фестивалските денови ќе бидат прикажани новите филмови на Иван Андреевски, Вук Митевски, Саша Станишиќ и студентските филмови на Сандра Јовановска и Кристијан Савиќ.

„Flipbook Film Festival“ ќе има и онлајн издание. Од 7 до 9 август, публиката ќе има можност, бесплатно, на платформата Cinesquare да ги гледа сите филмови, да гласа и да ја додели наградата за Најдобар анимиран филм од онлајн публиката, а ќе бидат одржани и онлајн работилници за сценарио, продукција и пост-продукција на анимиран филм.