Во минатото полно со фазани и еребици, денес овци пасат вo Арборетумот кај Трубарево

547

Од споменик на природата во споменик на негрижата. Арборетумот во Општина Гази Баба, во близина на скопското село Трубарево, е пример како нешто грижливо формирано и одржувано со децении, во денешното раскрчмено општество станува рефлексија на истото, запуштено и предмет на грабање. Со овие зборови од граѓанската Иницијатива 02 ја опишуваат состојбата, во која денес се наоѓа Арборетумот кај Трубарево, кој шест децении беше заштитено подрачје на домородни видови флора и фауна од сите континенти, особено од Европа, Азија и Северна Америка, а денес е идеално место за паша на овци и за депонирање на ѓубре

За загрижувачката состојба на Арборетумот или Дендро-парк, кој во минатото беше многу убав парк, распослан на површина од три хектари во кој биле засадени дрвенести и грмушести видови од нашата автохтона дендрофлора и видови од цел свет, пред половина година прво алармираше советникот во општина Гази Баба, Дејан Димитровски, а пишуваше и весникот ВЕЧЕР

Од споменик на природата во споменик на негрижата. Арборетумот во Општина Гази Баба, во близина на скопското село Трубарево е пример како нешто грижливо формирано и одржувано со децении, во денешното раскрчмено општество станува рефлексија на истото, запуштено и предмет на грабање. Со овие зборови од граѓанската иницијатива 02 ја опишуваат состојбата во која денес се наоѓа Арборетумот кај Трубарево, кој шест децении беше заштитено подрачје на домородни видови флора и фауна од сите континенти, особено од Европа, Азија и Северна Америка, а денес е идеално место за паша на овци и за депонирање на ѓубре.

– Состојбата што ја видовме е очајна, од прекрасна природа, исполнета со црцор на птици до остатоци од некогашните објекти, кои се уништуваат и разграбуваат, расфрлен градежен шут и мирис на стока од диво направено трло за овци на самиот влез во Арборетумот. Ретки дрвја и бамбус се сечат затоа што нема никој да го заштити ова ретко природно богатство кое го имаме во близина на главниот град на државата – коментираат од 02 Иницијатива.

Зоран Филипов живее на 500 метри до Арборетумот. Вели дека станува збор за многу убаво место, но сега е уништено.

– Многу убавини уништени, куќарката со паркот, дел со фазани, еребици, лисици, езерото големо со шатки, риби, редок вид на инсекти, цвеќиња, исто така тука се наоѓа и старото течение на реката Вардар со убави сенки, но за жал, се е запоставено и уништено од неводење грижа – додава Филипов.

Бојан Васиљевиќ раскажува како изгледала фазанеријата кога бил дете.

– Едниот дел беше заграден, тоа е местото каде сега е направено трлото за овци. Тоа место беше убаво заградено, имаше чувари кои го чуваа дење – ноќе. Во куќарката имаше кревети, маси, телевизор, ве-це. Во заградениот простор имаше кафези за мали фазани – вели Васиљевиќ.

За загрижувачката состојба на Арборетумот или Дендро-парк, кој во минатото беше многу убав парк, распослан на површина од три хектари во кој биле засадени дрвенести и грмушести видови од нашата автохтона дендрофлора и видови од цел свет, пред половина година прво алармираше советникот во општина Гази Баба, Дејан Димитровски, а пишуваше и весникот ВЕЧЕР. Вели дека најавувал уште поодамна дека вакво нешто ќе му се случи на Арборетумот.

– Бев кај деканот на Шумарски факултет и му ја кажав состојбата. Се жалаше дека немале средства да го одржуваат. Министерството за образование и наука пред четири години ги повлекло средствата за одржување и оттогаш се тргнало надолу. Криво ми е што Арборетумот што е продолжение на вегетативно формирачките локалитети Острово и источната страна на месноста Езерце и се такви природни богатства и важни за Скопје, но и за многу птици, влекачи – вели Димитровски.

Вели дека оттогаш два пати на Совет на Гази Баба побарал општината да преземе мерки за заштита на тоа подрачје.

– Деканот Кирил Сотировски и професори на Шумарски факултет искажаа многу разбирање и загриженост за тоа подрачје. На тие состаноци се донесоа неформални предлози за потоа топката да се префрли во општината каде што и покрај повеќе барања за обезбедување на урбанистички и други документации, се уште немам одговор. Цврсто верувам дека општината заедно со градоначалникот и сите советници до крајот на овој мандат ќе се заложат за спас на ова подрачје и ќе се реши неговиот статус – вели Димитровски.

Арборетумот е оформен во 1953 година од страна на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје за научни истражувања и настава во природа. Се наоѓа помеѓу два споменици на природата – локалитетите Острово кој е остаток од поранешното острово на Вардар и Езерце. И самиот е прогласен за споменик на природата во 1965 година.

Министерство за образование и наука пред 4,5 години ги повлекло средствата за одржување, а Шумарски факултет нема средства да го одржува и оставено е да пропаѓа и се разграба.

– Срам е за една држава до толку да се нема средства да се одржи нешто во кое се вложувало и се одржувало над 60 години, да се нема да се заштити заштитеното подрачје. Чуму прогласување на споменици на природата кога нема кој да се грижи за нив? Состојбата и со Острово и со Езерце, уникатни екосистеми е поразителна. Ѓубре, градежен шут, истурање на отпадни води во нив. Како споменик на целата наша државна негрижа за вистинските вредности останала да сведочи таблата за „Споменикот на природата на РМ“ – констатираат од 02 Иницијатива.

Оттаму жалат што општина Гази баба не презела ништо за заштита од уништување на овој редок парк кој во минатото беше рај за душа и очи.

– Наместо да се наплаќа влез во овие локалитети, наместо промоција на ретките убавини што ги има во себе, на градоначалникот на Гази Баба фокусот му е во градење на што повеќе нови згради, трговски центри и отворање на нова индустрија, како таа за топење на цинкова прашина за која јавната расправа уште ја чекаме – нагласуваат од 02 Иницијатива.

Локалитетот Езерце во 1994 година е прогласено за заштитено подрачје во категоријата споменик на природата. Просторот на Езерце за време на периодот на терциер бил дел од некогашното скопско неогено езеро. Подоцна со повлекување на водата овој простор останал на суво и постепено бил освојуван од терестички флорни и фаунистички видови.

Езерце преку целата година е под вода при што во летниот период водата се задржува само во пониските места. Подлогата е доста влажна преку целата година и во неа се развива типична блатна вегетација со доминација на трската и рогозот. На целото ова богатство на флора и фауна му се заканува угинување бидејќи водата во Езерце е нечиста, загадена и полна со ѓубре.

Загрижувачка е состојбата и со наоѓалиштето Острово каде што егзистираат фаунистички видови кои се значајни за биоразновидноста на Македонија, но и пошироко, на европско и светско ниво. Наоѓалиштето се одликува и со значајни едукативни вредности поради кои во 1976 година бил прогласен како заштитено подрачје во категоријата споменик на природата.

Острово е остаток од поранешниот остров, кој по природен пат го формирала реката Вардар, која на овој простор се одвојувала на две теченија и го заобиколувала. Денес на теренот се сочувани фосилните корита на двата ракавци на реката, но се покриени со хумусен слој, лисја и се обраснати со тревеста и грмушеста вегетација. Затоа и Острово од научен аспект се третира како фосилен остров на реката Вардар, која тече на околу 500 метри.

Жално е целото ова растително и животинско богатство да се остави да изумре или побегне од своето природно живеалиште, токму поради негрижата на човекот.

(С.Бл.) – Фото: 02