Во Матејче ќе се гласа до 19:20 часот

40

Тековно се спроведува гласањето во Куманово, соопшти претседателката на ОИК, Бранкица Димковиќ. Право на глас во најголемата општина во државата имаат 93.986 избирачи кои гласаат на 167 места. Според податоците на ДИК до 17 часот излезеноста е 37,84 отсто од обработените 92,95 проценти од податоците.

– Гласањето во Куманово се одвива непречено, изјави Димковиќ.

Гласањето се спроведува тековно и во општина Липково.

-Имавме утрово прекин од дваесет минути на гласачко место во село Матејче, поради технички проблеми со апаратот за читање отпечаток од прст и таму гласањето ќе продолжи до 19:20 часот, а во останатите места сè е тековно и гласањето се одвива непречено, информираше претседателката на ОИК, Ајше Демири.

Во Липково право на глас имаат 26.042 избирачи кои гласаат на 36 места. Според ДИК, излезеноста во оваа општина до 17 часот е 28,28 отсто.

Во Старо Нагоричане право на глас имаат 3.262 гласачи кои правото на глас го остваруваат на 38 места.

-Во избирачко место во село Рамно, високо планинско место имаше прекин кој траеше помалку од еден час заради проблеми со апаратот за читање отпечаток од прст и таму гласањето ќе си се заврши до 19 часот, нема да се продолжи, бидејќи има мал број на гласачи. Тековно си оди гласањето, изјави заменик-претседателката на ОИК Старо Нагоричане, Славка Стефановска-Цветковска. Според ДИК, излезеноста во оваа рурална општина до 17 часот е 48,25 отсто.