Според премиерот Димитар Ковачевски, грантот е веќе достапен и  овие средства се наменети поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка за малите и средните претпријатија, за одржување на нивниот бизнис, како и за инвестиции на државата во енергетската транзиција, во обновливите извори и во енергетската ефикасност. Министерот за финансии Фатмир Бесими кажа дека грантот од ЕУ, вреден 80 милиони евра, уште оваа недела треба да „легне“ на буџетската сметка во Народната банка

 

 

Македонија доби 80 милиони евра финансиска поддршка од Европската Унија, пари кои ќе се користат за буџетска поддршка во државата. Според премиерот Димитар Ковачевски, грантот е наменети поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка за малите и средните претпријатија, за одржување на нивниот бизнис, како и за инвестиции на државата во енергетската транзиција, во обновливите извори и во енергетската ефикасност.

Во октомври лани, потсети премиерот, кога претседателката на Европската комисија Урсула Фондерлајен беше во посета на нашата држава, порача дека ЕУ ќе биде покрај Северна Македонија и дека заедно ќе ги надминеме предизвиците од кризата.

-Го потпишавме договорот Фронтекс и Фондерлајен најави грант од 80 милиони евра. Овие средства се веќе достапни и ќе се користат како дел од пакетот антикризни мерки вредни над 760 милиони евра. Според Светска банка, ова е највисока буџетска поддршка во регионот за справување со кризата. За 2023 година во посебна програма се предвидени 225 милиони евра за справување со енергетската криза, рече Ковачевски и дополни дека Владата во соработка со сите институции и ЕУ спречи ценовен шок, овозможи стабилно снабдување со електрична енергија, го зголеми домашното производство на струја, обезбеди стабилна цена и стабилизација на инфлацијата која три месеци по ред паѓа.

Евроамбасадорот Дејвид Гир кажа дека ЕУ ги исполнува ветувањата, дека солидарноста меѓу земјите членки, сегашни и идни, е фундаментална и опиплива вредност.

-ЕУ ќе биде со Северна Македонија во време на криза како што ќе биде и во градењето на подобра иднина, рече Гир, обраќајќи се на македонски јазик.

Гир најави и дека во поглед на инвестициите во чиста енергија ќе има уште повеќе поддршка како дел од пакетот од една милијарда евра што ЕУ ги подготви за Западен Балкан.

Вицепремиерот и национален ИПА координатор Бојан Маричиќ рече дека покрај примарната цел на овие 80 милиони евра, со овие неповратни средства ќе се поддржат и структурните реформи за олеснување на енергетската транзиција, додавајќи дека преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан изминатиов период успеавме да добиеме над 52 милиони евра неповратни средства за проекти во областа на енергетиката.

Министерот за финансии Фатмир Бесими  соопшти дека грантот од ЕУ вреден 80 милиони евра оваа недела треба да „легне“ на буџетската сметка во Народната банка. Грантот е потврда за исправноста на политиките што ги спроведува Владата на нашиот европски пат и во справување со кризата. Тој посети дека и во  2020 година исто така ни беше доделен грант од 40 милиони евра директна буџетска поддршка наменета за социјална и економска отпорност на државата при справување со кризата предизвикана од ковид-19 пандемијата.

Министерството за економија, заедно со останатите релевантни институции, подготви Национален енергетски акциски план на Македонија за 2022-2023 година за справување со енергетската криза.

-Националниот енергетски акциски план предвидува средства за воведување на буџетско субвенционирање на домашните компании, пред сè за обезбедувањето на јавните дејности, водоснабдување, здравство и образование како и за непречено снабдување со храна, млеко и останати дејности во интерес на сите граѓани. Покрај тоа, вклучува мерки за поддршка на граѓаните при справување со зголемените цени на енергенсите. Планот вклучува и проекти и програми за спроведување на европските политики за заштита на ранливите потрошувачи на енергија, за политиките и мерките за енергетска ефикасност во зградите и за развој и имплементација на концептот на просјумери – вели  министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерката Јована Тренчевска истакна дека како дел од последниот пакет на владини мерки, Министерството за труд и социјална политика веќе три месеци обезбедува финансиска поддршка за справување со енергетската криза на ранливите односно социјално исклучените граѓани. Финансиската поддршка се обезбедува за период од четири месеци на над 177.000 социјално исклучени граѓани, вклучително и деца, лица кои останале без работа и користат паричен надоместок за невработеност и корисници на минимална пензија.

-Покрај тоа, 46.000 корисници на правото на гарантирана минимална помош и социјална сигурност примаат паричен додаток за енергенси во периодот на зимските месеци. Севкупно, опфатени се околу 220.000 корисници во ризик и исплатени се околу 21 милион евра“, рече Тренчевска.