Ракометарите на Вардар ја забележаа првата победа во новата сезона од Лигата на шампионите. Избраниците на тренерот Стевче Алушовски, во СЦ „Јане Сандански“ му одржаа лекција на бундеслигашот Фленсбург, совладувајќи го со  31:26 (17:15).

Најзаслужен за оваа победа беше капитенот Стојанче Стоилов, кој одигра одличен натпревар и постигна осум гола.

„Црвено – црните“  ја држеа играта под контрола во текот на целиот натпревар, постојано имаа предност од три – четири гола. Фленсбург на моменти успеваше да го израмни резултатот, но македонскиот шампион за кусо време повторно успеваше да се одлепи. Мечот веќе беше решен во 52. минута кога двократниот европски шампион направи предност од пет гола.

  • Она што сакам да го кажам за моите играчи, за претседателот, за навивачите… е дека ова е една голема победа која ќе ни даде поттик за да бидеме прави и понатаму. Честитам на карактерот што го имаат овие момци. Цел месец немавме натпревари, а бевме подготвени на тактички план. Добро ја анализиравме играта на Флензбург, а одбраната 5-1 се покажа добро. Сепак немаме време за славење, мора да се насочиме кон следниот меч и да освоиме нови бодови, изјави Алушовски.

Тој се осврна и на критиките кои ги доби на негова смета по поразот од Мешков Брест во првото коло од ЛШ..

  • Во Македонија сите се паметни после војната. Јас се трудам да ја работам мојата работа, посветено и коректно, да го пренесам моето искуство и она што го знам. Мислам дека момците добро ме следат и се надевам дека и понатаму ќе имаме вакви мечеви во Лигата на шампионите, заврши Алушовски.

Ова е четврти пораз на Фелнсбург од Вардар во рамките од Лигата на шампионите. Воедно за Вардар ова беше само втор меч во елитното натпреварување, бидејќи претходно поради состојбата со коронавирусот му беа одложени натпреварите со Елверум и ПИК Сегед.

Следниот натпревар македонскиот шампион го игра пак на домашен терен на 22. октомври против Порто, во чии редови настапува македонскиот репрезентативен голман Никола Митрески.

ФОТО: Петр Стојановски