„Генерации лингвисти и македонисти го носат товарот на одговорноста на зборовите на Мисирков – со милост да се врати долгот кон сопствениот јазик… Односот кон јазикот е и однос кон татковината – дури и кога сме далеку од неа“,  кажа, меѓу другото, министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Таа истакна дека токму мајчиниот јазик е идентитет и ДНК на секој човек. Костадиновска-Стојчевска вчера го посети тријазичното основно училиште „Јашар Беј Шкупи“ во Општина Чаир, каде што, покрај на македонски, се изведува и настава на албански и на турски јазик

„Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш, исто така како што е наша татковината”. Со оваа порака на Крсте Петков Мисирков, но и со зборовите на Блаже Конески „јазикот е нашата единствена татковина“, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, вчера, ги поздрави присутните во Институтот за македонски јазик, во кој, седма година по ред, се одбележува 21 Февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

„Генерации лингвисти и македонисти го носат товарот на одговорноста на зборовите на Мисирков – со милост да се врати долгот кон сопствениот јазик… Односот кон јазикот е и однос кон татковината – дури и кога сме далеку од неа“,  посочи, меѓу другото, министерката, која истакна дека мајчиниот јазик е идентитет и ДНК на секој човек. Костадиновска-Стојчевска потсети дека со средства на Министерството за култура и на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) веќе е почната дигитализацијата на картотеките на Институтот за трајна заштита на над пет милиони уникатни записи.

„Министерството за култура, во соработка со Фондот за иновации, го почна овој макотрпен, но исклучително важен потфат. Дигитализацијата, како трајна заштита на нематеријалното културно наследство, е наш врвен приоритет. Ние сме должни да ги заштитиме нашата култура и историјата на нашиот јазик“, додаде Костадиновска-Стојчевска. Вчера, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, таа го посети тријазичното основно училиште „Јашар Беј Шкупи“ во Општина Чаир, каде што, покрај на македонски, се изведува настава и на албански и на турски јазик. Токму ова училиште, според министерката Костадиновска-Стојчевска, е одличен пример за почитување на правата на националностите и јазиците на народите што живеат во нашата држава.

Анета Трпевска, државен секретар во Министерството за образование и наука, пак, на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во Институтот за македонски јазик, укажа на поддршката од МОН за проектите на Институтот за македонски јазик за тригодишно истражување на лексиката во народната проза. Таа, исто така, додаде и дека МОН работи на унапредувањето на наставата на припадниците на заедниците што се школуваат на својот мајчин јазик во основното и во средното образование.

„Редовна настава на својот мајчин јазик следат и припадниците од албанската, турската и од српската етничка заедница, а од учебната 2018/2019, воведена е и редовна настава на босански јазик. Со примена на Законот за основно образование од 2019 година, се овозможува и негување на јазикот и културата на помалобројните етнички заедници преку изборниот предмет Јазик и култура на Ромите, Србите, Турците, Власите и Бошњаците“, посочи Трпевска.

Проф. д-р Весна Костовска од Институтот за македонски јазик рече дека во екот на глобализацијата, речиси 43 проценти од јазиците што постојат се пред изумирање, а тоа, додаде, е загуба на голем дел од културното и интелектуалното наследство. „Со секој јазик што умира, светот станува посиромашен“, истакна Костовска.

Светскиот ден на мајчиниот јазик, седма година по ред, се одбележува во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а оваа година чествувањето е поврзано со 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Во програмата учествуваа и ученици од четири скопски општински основни училишта – „Гоце Делчев“ од општините Центар, Илинден, село Љубанци во Општина Бутел и Горно Лисиче во Општина Аеродром.

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е прогласен од УНЕСКО на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година, а од 2000 година е промовиран како Ден на лингвистичката и културната разновидност и мултилингвизмот.

Датумот е избран во спомен на трагични демонстрации на студенти од Универзитетот во Дака, кои, како учесници на бенгалското јазично движење, биле убиени на протест на 21 февруари 1952 година.

По повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик и централната комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар организираше трибина: Мајчиниот јазик е идентитет.

“И тоа што мајчиниот јазик претставува за нас, Македонците, подеднакво нивниот мајчин јазик претставува и за другите заедници кои се застапени во нашата Македонија. Тоа што сакаме да го почитуваат кај нас Македонците, мора да значи да го почитуваме и кај останатите заедници во Македонија. Затоа потребно е да научиме да се слушаме едни со други, да се почитуваме дури и тогаш кога не се согласуваме. Македонија за сите луѓе кажете го на сите јазици, но значењето сепак на крајот е исто. Ова не е само обична политичка порака или слоган, туку суштината, темелот врз кој ние треба да го градиме нашето заедништво”, рече претседтелот на ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски на трибината.

(Д.Т.)