Во Македонија реалните бројки на позитивни дневно се 35.000, а не лабораториски потврдените 700!

Подваријантата БА.5 на омикронот насекаде во земјава е во експанзија

8520

Познатиот епидемиолог д-р Драган Даниловски за весникот ВЕЧЕР појаснува дека ако за 24 часа се регистрираат по 700 нови случаи, според математичките анализи, тоа е само два отсто од вистински инфицирани лица, односно тоа е некаде околу 35.000 позитивни лица. Токму од овие причини професорот смета дека нема стручна оправданост и потреба во иднина јавно на дневна основа да се соопштува колку лица се позитивни. Познатиот микробиолог Никола Пановски пишува на социјалните мрежи дека во актуелната ситуација се однесува нормално и не се тестира ако е настинат…

 

Летниот бран на ковид е во експанзија, секој ден расте бројот на позитивни лица што се должи на новата подваријанта на омикрон, БА.5, која е позаразна и е присутна во околу 80 отсто од случаите. Последната неделна анализа на Институтот за јавно здравје, која се однесува за периодот од 18 до 24 јули, покажува дека од вкупно 10.050 материјали, кои се анализирани во лабораториите, регистрирани се 4.389 нови позитивни случаи, што е речиси половина. Тоа е зголемување од 55,7% во однос на минатата недела кога биле позитивни 2.818 лица.

Инфицираните граѓани се евидентирани во 35 градови низ државата, а најголем дел од нив се во Скопје и тоа 1.996 лице што е 45,5% од вкупно новозаразените. Во овој временски период има зголемување на инфицираните лица и во Берово, Свети Николе, Македонски Брод и Крушево. Според возраста над 30 отсто од позитивните се од постарата популација на возраст од над 60 години. Моментално во болниците низ Македонија се хоспитализирани 136 лица, а од нив 40 се на кислородна поддршка.

Во Македонија во моментов се активни 4.305 лица, но реалната бројка е многу поголема од официјалната, бидејќи како што објасни за весникот ВЕЧЕР, познатиот епидемиолог д-р Драган Даниловски, ако се регистрираат за 24 часа по 700 нови случаи, според математичките анализи тоа е само два отсто од вистински инфицираните лица, односно тоа е некаде околу 35.000 позитивни лица. Токму од овие причини професорот смета дека нема стручна оправданост и потреба во иднина јавно на дневна основа да се соопштува колку лица се позитивни. Според него веќе нема потреба од нови рестриктивни мерки, ниту од изолација на сите позитивни без симптоми.

– Актуелните мерки да се носат маски во јавниот превоз, аптеките, болниците и во домовите за стари лица треба задолжително да ги почитуваат старите лица, оние со хронични болести и имунокомпромитираните. За нив најдобро е да примат бустер дози на вакцина која дефинитивно ќе им биде спас од смртен исход, доколку лицето се инфицира- објаснува за весникот ВЕЧЕР, д-р Даниловски.

Минатата недела оздравеле 2.693 лица, што е 44,8% повеќе во споредба со претходната недела кога оздравеле 1.860 лица.

-Во овој период пријавени се и 1.069 реинфекции, што е со зголемување од 60,0% во однос на претходната недела кога имаше 668 лица, кои по втор пат се заразиле, а некои и трет пат. Во овој временски интервал пријавени се 12 смртни случаи и тоа во Скопје, Прилеп, Велес, Свети Николе, Битола, Охрид и Струга. Во однос на возрасната група 11 од починатите се над 60 години, а пријавен е и еден починат од возрасната група од 20-29 години – вели анализата на Институтот.

Зголемениот број на инфицирани ги раздвижи социјалните мрежи. Сè повеќе граѓаните поставуваат најразлични прашања и бараат одговор од еминенти стручњаци. Едно од нив е колку време трае имунитетот по прележување на вирусот. Познатиот микробиолог Никола Пановски пишува дека во актуелната ситуација се однесува нормално и не се тестира ако е настинат.

-Дали е коронавирусот или друг е сосема небитно, лек за оздравување нема, освен за олеснување на симптомите. Прележаните и вакцинираните поминуваат полесно, без компликации – посочува д-р Пановски и дополнува дека по два, шест месеци или подолго од прележување на вирусот не би требало да има реинфекции, но ако се тестира лицето, може да добие позитивен тест – укажува д-р Пановски.

Од ИЈЗ потсетуваат дека заклучно со 24 јули годинава се регистрирани вкупно 15.841 лице со реинфекции, а од нив 25 лица не се избориле со вирусот и починале.

(В.Ма.)