Во Македонија новите градби можат да издржат земјотрес со интензитет од 9 степени

371

Во Македонија новите градби се проектирани за да издржат интензитет од 9 степени или јачина од 6,5 до 7 магнитуди по Рихтер. Градбите во Македонија се најквалитени од сите во регионот, а доказ за тоа е и земјотресот од 2016 година во кој немаше ниту една срушена зграда, велат од Институтот за сеизмологија и Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

-Сите нови градби мора да се изведат согласно проектите и стандардите за проектирање. Во тие стандарди за проектирање државата го дефинира нивото на прифатлив ризик за одреден тип на објекти. Вообичаено се проектира на ниво на очекуван интензитет или јачина, магнитуда. Ние не ги проектираме објектите во Македонија за земјотрес од Јапонија, Нов Зеланд или од Чиле, туку согласно науката и досегашната историја. Имаме некои анализи кои покажуваат какви се максималните очекувања. Тое е интензитет од 9 степен или или јачина од 6,5 до 7 магнитуди по Рихтер. Тоа е основата на проектирањето на поголемиот дел од објектите во државата. Сите нови објекти мора да ги задоволат овие критериуми, изјави директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија Влатко Шешов

Според претседателот на Градежната комора при ССК Ивица Јаќимовски согласно Законот за градба секој учесник во градба сноси кривична одговорност.

– Мора секој да поседува соодветни лиценци во делот на изведба, проектирање, надзор. Не треба да се сомневате дека тоа што се гради денеска е неквалитетно. Не треба да значи ако бојата на фасадат избледела тогаш таа градба е неквалитетна, тоа е апсурд. Основата на градбата што објектот го прави да е квалитетн е бетон и железо, се друго е минливо, вели Јаќимовски.

Според Шешов и Јаќимовски, тоа што се случи во Албанија, не е возможно да се случи кај нас. Сите објекти за кои се бараат градежни дозволи, независно дали се на ќоше, во маало, во помало место, минуваат низ системот на ИЗИС, а тоа е гаранција за безбедност и квалитет. Денешните градби неможе да бидат понеквалитетни од поранешните.

– Сите градежни проекти кои се пуштени во процедура, подлежат на дополнителни контроли во текот на проектирањето. Позитивно мислење се дава само доколку проектот ги задоволува техничките стандарди и прописи. Ако се работи за поголеми површини, ИЗИС е должен да излезе и на терен, за да провери дали квалитетот на конструкциите соодветствува со основниот проект за кој е добиена градежна дозвола, нагласи Шешов.

Земјотресите во 2016 година од кои еден беше доволно силен, потврдија, рече директорот на ИЗИС, дека градбите кај нас се квалитетни. Ниту една не се сруши. Имаше само мали оштетувања на некои од постарите објекти.

Во врска со квалитетот на дивоградбите, Јаќимовски, рече дека никој не може да гарантира, иако тоа не значи дека дел од нив не се квалитетни.

Директорот на Институтот за сеизмологија, Шешов најави дека екипи на ИЗИС следната недела, во координација со Владата и Албанската амбасада, ќе заминат за Албанија каде ќе учествуваат во т.н. брза проценка на безбедноста на објектите. Практично ќе помогнат во означувањето на оние објекти кои се опасни за натамошно домување.