Во Македонија нема беснило, ама бесни кучиња секојдневно касаат луѓе

2284

Во Европа беснилото е присутно во Бугарија, Естонија, Унгарија, Италија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Албанија, Косово, а Македонија не е дел од овој список, бидејќи заклучно со 2012 година нема ваков случај

Во светот околу 55.000 луѓе годишно умираат од беснило, а најголем број од овие случаи се во Азија и Африка. Во Европа беснилото е присутно во Бугарија, Естонија, Унгарија, Италија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Албанија, Косово. Македонија не е дел од овој список, бидејќи заклучно со април 2012 година регистрирани се вкупно 8 случаи на беснило кај дивите животни, и тоа кај лисици и волци, во околината на Велес, Виница, Кочани, Гевгелија, Македонска Каменица и еден случај кај домашните животни, мачка што се појави во околината на Радовиш.

Иако во земјава нема беснило, сепак, граѓаните се вознемирени кога поминуваат  покрај кучиња скитници, плашејќи се да не бидат нападнати, оти стана секојдневие некој да биде каснат и да заврши на Инфективна клиника. Во текот на  2018  година  на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се јавиле 1.260 пациенти што биле каснати од куче, од кои некои биле каснати токму од кучиња скитници.

Како што велат лекарите, од оваа бројка, кај 62 пациенти е спроведена заштита против беснило. Годинава, пак, во првите осум месеци амбулантски се прегледани 901 пациент каснат од куче.

– Сите пациенти се прегледуваат од страна на лекар и тој поставуваа индикација дали кај некој пациент треба да се спроведе профилакса против беснило. Тоа зависи од тоа дали кучето е скитник или има сопственик, каков е неговиот вакцинален статус и неговата здравствена состојба што се утврдува со помош на лекар ветеринар. Пациентите кои се осигуреници на РСМ не партиципираат кога станува збор за антирабична профилакса. Доколку некој пациент е државјанин на друга држава или нема осигурување, тогаш нашата административна служба го информира за цената. Последните 30 и повеќе години не е верифициран случај на беснило на нашата Клиника – велат за весникот “Вечер” од Клиниката за инфективни болести.

Граѓаните што биле нападнати од кучиња скитници и побарале судска разврска биле и парично обесштетени од  надлежните власти. Тие за претрпена физичка болка може да добијат отштета од 35.000 денари, за претрпен страв 30.000 денари.  Исто така за претрпена душевна болка, поради намалена животна активност можат да добијат износ од 20.000 денари и за нагрден износ од 5.000 денари или вкупен износ од 90.000 денари.

АГЕНЦИЈА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО

Светски ден против беснило, вакцинирајте ги вашите миленичиња 

Агенцијата за храна и ветеринарство и годинава се вклучи во глобалното одбележување на Светскиот ден на борба против беснило – 28 Септември, кој ќе се одбележи под мотото “Беснилото завршува овде”. Во рамки на годинешната кампања, во  соработка со Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, ветеринарните друштва, веледрогериите, денеска од 11:30 до 13:30 часот кај Школка во Градски парк, Агенцијата ќе организира промотивно-едукативен настан за граѓаните за подигнување на јавната свест за превенција и опасност од болеста беснило.

На настанот пред Школка, ветеринарните друштва ќе даваат совети за исхрана и здравствена заштита на домашните миленици, со акцент на почитување на законската обврска за вакцинација на милениците против беснило и нивно идентификување и обележување со микрочип. Најмладите ќе творат во детското ликовно катче, а децата кои имаат миленици ќе можат да земат учество во Шоуто за домашни миленици.

(В.Ма.)