Во Македонија има 400 илјади објекти на кои може да се произведува струја од сонцето

4069

Во Македонија има околу 400.000 покриви на објекти коишто се поволни за производство на електрична енергија и огромен е бројот на граѓаните кои би сакале сами да започнат производство на електрична енергија, но со сегашната регулатива практично тоа е економски неисплатливо.

Од Твоја партија ја повикува Владата да преземе активности со кои ќе се изменат сите подзаконски акти кои практично ги оневозможуваат граѓаните да поставуваат фотоволтаични панели на покривите на сопствените домови и со тоа сами да почнат да произведуваат електрична енергија.

– Бараме веднаш измена на прописите со кои на граѓаните ќе им се овозможи вишокот на произведена енергија да го предаваат во електро-енергетскиот систем а со можност тие количини да ги повлечат во период кога ќе имаат потреба, без притоа да им се одземаат вишоците кои евентуално би се појавиле при производството – велат од Твоја партија.

Оттаму напоменуваат дека со сегашното законско решение постојат две ограничувања кои во пракса оневозможуваат приватни инвестиции во оваа област, а тоа се: Дозволата за производител –  потрошувач се дава само за инсталирана моќност до 4 кw инсталирана моќност и, произведена електрична енергија која ќе се појави како вишок во одреден временски период мора да се  продава на универзалниот снабдувач по цена од 0 денари,

– Овие ограничувања само уште еднаш ја потврдуваат нашата теза дека прописите кои ја регулираат оваа област всушност се скроени по мерка на сопствениците на крупниот капитал кои добиваат и огромни субвенции од државата а ги обесправуваат обичните граѓани – велат од Твоја партија.

(С.Бл.)