Во Македонија зголемен интересот за фотоволтаици, инвестицијата се враќа за 5-6 години

139

Обуките за инсталирање на фотоволтаици ќе се реализираат во рамките на наредните две години, а се очекува низ овие обуки да поминат околу 500 професионалци, 150 техничари, 20 проектанти и 250 работници

Ќе се врши обука и преквалификација на работници, инженери и архитекти од градежниот сектор за инсталирање фотоволтаици и топлински колектори со цел зголемување на енергетската ефикасност на објектите. Целта, како што велат од Стопанската комора на Македонија каде ќе се спроведуваат овие обуки е создавање на кадар за поголема примена на обновливи извори на енергија во што многу заостануваме од земјите во регионот и во ЕУ.
– Покрај работници ќе бидат вклучени и инженери, архитекти и други високи профили од овој сектор кој имаат потреба од дополнителни обуки за градење на енергетски ефикасни згради. Овој проект е дополнување на претходни два проекти за енергетска ефикасност кој се спроведуваат заедно со ЕУ и кои ни покажаа дека потребата од обука и преквалификација на градежните работници е неопходна, вели Јадранка Аризанковска од Комората.
Таа додава дека, околу 2.000 градежни компании, 4.000 градежни професионалци и 9.600 градежни работници ќе имаат можност да се вклучат во проектите се со цел до 2020 година да се постигне таргетот кој беше поставен од Европската комисија и да се обезбеди поголема енергетска ефикасност во градбите.
Сите обуки ќе се вршат преку Центарот на знаење и вештини, а ќе се обучуваат сите занимања во градежниот сектор и за сите нивоа на квалификации. Тоа се околу 10 занимања кои треба да ги надоградат своите знаења за енергетска ефикасност и за обновливи извори на енергија. Се очекува во рамките на проектот низ овие обуки да поминат околу 500 професионалци, 150 техничари, 20 проектанти и 250 работници. Обуките ќе се реализираат во рамките на наредните две години.
Професор д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија вели дека со оглед на фактот дека во Македонија има недоволно обучен кадар за инсталирање на фотоволтаици и оти овој проектот ќе помогне во јакнење на капацитетите на градежниот сектор во овој дел.
– Во Центарот за обука и вештини ќе има база каде ќе бидат објавени сите работници и тренери кои се обучени за инсталирање фотоволтаици и топлински колектори. Целта е сите обуки да бидат видливи за стопанството и да одговорат на потребите на пазарот за вакви работници, вели Спасевска.
Ристо Јаневски, претседател на Здружението на енергетиката при Стопанската комора на Македонија објасни дека со самото инсталирање на фотоволтаичните системи за домаќинствата не е завршена работата, бидејќи тие треба да се вклучат во основниот вид на енергија со оглед на тоа дека тие функционираат само кога има повеќе сонце. Вишоците на енергија кој ќе се произведат кога ќе има повеќе сонце ќе се преземат од универзалниот снабдувач и ќе се стават во системот.
Потребни се 5 до 6 години да се врати инвестицијата за фотоволтаичните системи чија цена во последните години драстично се намали. (А.С.)