Во Лондон отворена најголемата изложба на Тутанкамон

203

„Египет го испраќа својот ‘амбасадор’ Тутанкамон по целиот свет со порака за мир, со порака за гостопримство и добредојде за туристите, како и да ги предизвика и да ги мотивира туристите да дојдат во Египет за да се восхитуваат на убавината на десетиците илјади предмети“, рече египетскиот министер за антиквитети Калед ел Енани.

Најголемата колекција на богатства на кралот Тутанкамон, што е некогаш претставена надвор од Египет, неодамна се отвори во Лондон. Изложбата ја означува најавената стогодишнина откако беше откриен гробот на Златниот фараон во 1922. Повеќе од 150 артефакти од гробот се поместени во галеријата Сачи, вклучувајќи 60 кои никогаш не го напуштиле Египет.

Најрепрезентативен е златно украсениот минијатурен ковчег кој се користел за складирање на црниот дроб на Детето фараон, како и познатата статуа во природна големина која се наоѓа и го заштитува влезот на погребната комора на Тутанкамон. „Едно од најзначајните парчиња на колекцијата ние ги имаме на нашата изложба, а тоа е статуата на чуварот“, вели Тарек Ел Авади, куратор на изложбата. „Магијата на статуата на чуварот е дека не е важно од кој агол гледате во неа, таа не ве гледа вас. Очите гледаат далеку над светот. Очите гледаат во задгробниот живот на кралот, во неговиот вечен живот“, додава тој. Инаку, гробот на Тутанкамон го открил британскиот истражувач Хауард Картер на 4 ноември 1922 година и се смета за едно од најважните археолошки откритија на сите времиња.

Лондон е трета станица на турнејата на изложбата која ќе помине низ 10 градови низ целиот свет. Изложбата со патување започна во Лос Анџелес во 2018 година, а подоцна се пресели во Париз, каде што привлече повеќе од 1,4 милиони посетители, што, според организаторите, ја прави најпосетуваната изложба во француската историја. Нејзиното патување ќе заврши во новиот Голем египетски музеј во близина на пирамидите на Гиза, со што колекцијата ќе стане постојана поставка.

„Египет го испраќа својот ‘амбасадор’ Тутанкамон по целиот свет со порака за мир, со порака за гостопримство и добредојде за туристите, како и да ги предизвика и да ги мотивира туристите да дојдат во Египет за да се восхитуваат на убавината на десетиците илјади предмети“, рече египетскиот министер за антиквитети Калед ел Енани.

Изложбата во Лондон ќе трае до 3 мај 2020 година.