Во Кумановско заменети 40% од уличните светилки

167

Околу 40 проценти од светилките се заменети во Куманово и селата откако почна имплементацијата на јавното-приватно партнерство за модернизација на осветлувањето во градот.

-Чешкиот партнер ја почитува динамиката што му е дадена. Поголем процент од светилките се заменети во руралните средини, а во наредниот период ќе се продолжи во централното градско подрачје – информираше градоначалникот Максим Димитриевски.

Тој изрази задоволство од осовременувањето на осветлувањето, истакнувајќи дека интерниот надзор од Општината врши мерења кои покажуваат дека на одредени локации интензитетот на осветлувањето е подобрен дури и за четири пати во однос на претходното осветлување.

– До крајот на декември сметаме дека во согласност со договорот, партнерот ќе може да го стави целосно во функција новиот систем за улично осветлување и да го преземе одржувањето, согласно со договорот – најави Димитриевски.

Приватниот партнер ќе инвестира 4,7 милиони евра за поставување ново осветлување со штедливи лед светилки и рефлектори на 9.340 светлечки места со модерен систем за управување.