Во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ е отворена изложбата на слики „Небо“ од ликовната уметница Јана Јакимовска. Кумановци ќе имаат можност да проследат 20-тина дела кои Јакимовска ги изработила последниве три години во техниката акрил на платно.

Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски на отворањето истакна дека и покрај пандемијата успеваат да ја доближат културата и уметноста до граѓаните.

-Сликите на Јакимовска се прекрасни дела кои ќе допрат до сите. Изложбата ќе биде отворена наредните десетина дена и сите кои сакаат можат да ја разгледаат, изјави Тодоровски. Авторката Јакимовска рече дека кога почнала да го работи циклусот слики во 2018-та и тогаш размислувала за универзалното синило, кое симболизира обединуавње на луѓе од различни градови, но под едно исто небо.

Јана Јакимовска е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Досега има реализирано 18 самостојни и преку 80 групни изложби во земјата и во странство, а во последно време се занимава со мурално сликарство.