Во Крива Паланка одбележан Денот на Македонската полиција

    58

    Со показни вежби на Единицата за брзо распоредување и на Одделот за заштита на определени личности, со прелет на хеликоптер од воздухопловната единица на МВР, со дружење на граѓаните со полициските службеници но и со покажување на опрема од сите единици во Крива Паланка денеска беше одбележан претстојниот Ден на полицијата – 7 Мај.

    На настанот присуствуваа директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, заедно со претставници на кабинетот и градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски, како и претставници од СВР Куманово и ОВР Крива Паланка.

    На градскиот стадион во Крива Паланка беа изложени и опрема, униформи и возила на бројни служби и единици до МВР со цел граѓаните да се запознаат со полициската професија и нивната опрема.

    Настанот се реализираше во соработка со Општина Крива Паланка, а присуствуваа неколку стотици посетители од градот и околните места.

    Од општината посочија дека нема подобар начин за запознавање на граѓаните со полицијата од заемната соработка меѓу локалната заедница и полициските службеници, а токму тоа партнерство се промовира со ваквите настани.

    Градоначалникот Митовски ја поздрави иницијативата да им се пружи можност граѓаните и сите жители на општината и регионот да можат да ги проследат показните вежби од страна на Единиците на МВР, да се запознаат со  опремата и да се дружат со „чуварите на мирот“.

    Тој посочи дека полициските службеници се партнери на граѓаните во зачувување и одржување на спокојното живеење, на јавниот ред и мир, на  безбедноста и сигурноста и во име на жителите на општина Крива Паланка, упати благодарност за нивната несебична посветеност на службата.

    Освен во Крива Паланка, настани од ваков вид денеска се одржаа и во Струмица, Велес, Струга и Крушево