Во која фирма се дели просечна плата поголема од 70.000 денари?

За сто евра повеќе од програмерите земале вработени во „останати стручни, научни и технички дејности“, во кои спаѓаат модниот и другиот дизајн, ревизијата, дел од процената, преведувањето, дејности поврзани со патенти и други. Во оваа дејност за еден месец просечната плата двојно е зголемена

780

Ниту програмерите, ниту банкарите, ниту фармацевтите. Највисока просечна нето-плата во февруари, според Државниот завод за статистика, добиле вработените во „останати стручни, научни и технички дејности“. Таа изнесува досега највисоки 70.869 денари и е за сто евра повисока од платата на досега најдобро платените работници во државата – програмерите.

Според националната класификација во групата останати стручни, научни и технички дејности влегуваат модниот и другиот дизајн, ревизијата, дел од процената, преведувањето, дејности поврзани со патенти и други. Но, која од овие дејности толку високо го качила просекот на платите останува тајна што ја знае само Управата за јавни приходи.

Сепак, познавачи на состојбите во областа на статистиката на платите, за весникот ВЕЧЕР појаснуваат дека во оваа ситуација би требало да се работи само за една фирма со поголема исплата во февруари, а многу веројатно и за само еден или неколку вработени во таа фирма. Нашите соговорници толкуваат дека не би требало да се работи за дивиденда или за награди и бонуси, зашто февруари не е месец за такви исплати, туку дека веројатно во тој период во некоја од фирмите од дејноста со највисок просек на плата се случил некој поголем прилив на средства од реализирана зделка, кој бил поделен како плата на вработените или само на дел од вработените. Овие претпоставки ги темелат на податокот дека еден месец претходно просечната нето-плата по вработен во „останати стручни, научни и технички дејности“ бил двојно помал. Или во тие дејности во јануари ДЗС регистрира просечна нето-плата од околу 35.000 денари, па зголемувањето во февруари изнесува 96,9 проценти. Стручњаците се уверени дека уште следниот месец што ќе го обработи статистиката, а тоа е март, ќе се покаже дека овој порастот на платите бил еднократен, па тие ќе се вратат на старото ниво од околу 35.000 денари.

Ако ова се потврди, тогаш позицијата на компјутерските програмери како најдобро платени работници во државава, сепак не е загрозена. Просечната нето-плата во таа дејност во февруари изнесува 64.535 денари. Според висината на просечната плата следни на врвот се информации и комуникации со 48.247 денари, потоа доаѓаат финансиско -услужните дејности со 44.922 денари, па фармацевтските работници со 46.452 денари.

Кај оние со најниски плати состојбата е стандардна, без изненадувања. Платата на вработените во заштитните и истражните дејности е убедливо најмала и просечно земено изнесува околу 15.000 денари, што значи дека е за малку повисока од минимално загарантираната во државата од 14.500 денари. Платата на кожарските работници едвај надминува 16.000 денари, а помалку од 17.000 денари земаат уште и вработените во шумарството. Меѓу најниско платените се и производителите на облека, одржувачите на згради и производителите на мебел.

Според ДЗС просечната нето-плата во вработен во февруари е 27.206 денари и таа е за 334 денари помала од јануарската. Но, во однос на февруари лани, просечната нето-плата сега е поголема за 12,5 проценти.

Прашање е какви ќе бидат изненадувањата со мартовската плата која се исплатува овој месец, со оглед на тоа што тогаш почнаа да се чувствуваат последниците од економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Прогнозите се лоши. Цели сектори кои беа први погодени од кризата останаа без плати или добија пари од државата само за да исплатат минималец. Анкета на „Фајнанс тинк“ објавена во публикацијата „Квалитет на живот – Економските ефекти од корона кризата“ покажува дека три четвртини од вработените и компаниите во земјава се погодени од економската криза предизвикана од коронавирусот. Во анкетата  25,6 проценти од испитаниците одговориле дека им била намалена платата, а 24,1 процент дека им било соопштено оти веројатно ќе им биде намалена платата или ќе има отпуштања од работа, додека 23,1 процент се изјасниле дека им биле скратени дополнителните исплати. На принуден одмор, што значи и пониски примања, биле испратени 14,4 проценти од испитаниците, а 10,8 проценти биле отпуштени од работа.

(С.В.)