Во Косово еден починат и 64 новозаболени од Ковид-19, извршени над 4.000 тестови

23

Изминатото деноноќие во Косово е регистриран еден смртен случај на заболен од Ковид-19, со што бројот на жртви на пандемијата, од нејзиното појавување во март минатата година, достигна до 2.227, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според денешниот извештај на Националниот институт за јавно здравство на Косово, по подолго време во кое се тестираа по помалку од две илјади лица дневно, вчера се извршени 4.297 тестирања со методот РТ-ПЦР, од кои резултирале 64 нови носители на коронавирусот.

Вкупно од почетокот на пандемијата во земјата се регистрирани 107.003 заболени од Ковид-19 (од 575.614 тестирани), од кои, вклучително вчерашните 409, болеста ја совладале 100.233 лица. Активни носители на вирусот, според официјалните статистики, во моментов во земјата се 4.543 лица.

Медиумите и косовската јавност им забележуваат на здравствените и други надлежни државни органи дека не успеале да обезбедат доволен број вакцини. Досега, главно со вакцини добиени преку програмата КОВАКС, во Косово се вакцинирани околу 40 илјади луѓе, главно здравствени работници и лица на возраст над 65 години.