Во Ликовниот салон на Културноинформативниот центар – Скопје, вечерва (24 јули) со почеток во 20:30 часот во соработка со Амбасадата на Државата Израел и Acta Non Verba, ќе биде отворена изложбата „Спомен од Битола 2019“.

По 76 години од депортацијата на Евреите од Македонија во Треблинка, на овогодишните комеморијални настани во Битола, Штип и Скопје, сите учесници беа поттикнати да фотографираат и да учествуваат во интернационален натпревар во фотографии  „Спомен од Битола 2019“.

Шломи Амсалем го водеше натпреварот и беше негов куратор. Од неколку стотици фотографии, осумчленото жири на чело со судијата Јижак Адијас ги избраа победничките. Оваа изложба со 27 фотографии е уште еден начин на кој приказната ќе биде раскажана.

Да се споделат комеморијалните моменти и да се запомни заедницата која беше речиси целосно загубена. Исто така е дел од раскажувањето на приказната за чистењето и зачувувањето на старите еврејски гробишта во Битола и маршот на живите кој веќе станува традиција.