Во КИЦ изложба на Поциуте од Литванија и Илиевски од Македонија

34

Во Изложбениот салон – Империјал 1 при Културно-информативниот центар во Скопје, на 22 јуни во 20 часот ќе се отвори ликовна изложба на Јулија Поциуте од Литванија и Владимир Илиевски од Македонија. Куратор на изложбата е историчарот на уметноста Кирил Пенушлиски. Изложбата, која се реализира во рамки на европскиот проект CreArt, под покровителство на Град Скопје, ќе биде отворена до 6 јули.

Јулија Поциуте е современа литванска уметничка позната по нејзините инсталации со мешани медиуми, односно инсталација помеѓу видеоарт, скулптура, дизајн елементи и фотографија. Завршува ликовна академија во Вилнус, Литванија во 2007 година. Има реализирано повеќе самостојни изложби во Литванија и надвор од неа (Финска, Данска, Германија, Португалија, Италија). Нејзините дела се составен дел од колекциите во музеите во Данска, Шпанија и Литванија.

Владимир Илиевски, пак, дипломирал на ФЛУ во Скопје во 2012 година, на отсекот сликарство. Тој досега има реализирано девет самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјава и странство. Автор е и на два мурала, еден во Скопје, а другиот во Струмица. Член е на ДЛУМ од 2012 година. Како позначајна награда, од неколкуте кои ги има добиено, е наградата „Вангел Коџоман“ за најуспешна реализирана изложба на ДЛУМ за период 2011- 2013 година.