Во Карпош запишани 736 првачиња

68

Започна наставата за 736 првачиња во сите десет основни училишта во општина Карпош.

Како што информираат од локалната самоуправа, секоја од образовните установи организирала посебна програма за прием на првачињата, со цел нивно добредојде и среќен почеток.

Со физичко присуство започна и годината за учениците од IV до IX одделеение, а сите активности се организираат по протоколите за заштита од КОВИД – 19.

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев вчера утрото го посети ООУ „Димо Хаџи – Димов“ во Влае 2.

Тој низ разговор со родителите и наставниот кадар се информираше за нивните очекувања од оваа учебна година, одговараше на дел од прашањата и дилемите, а на сите ученици им посака успешна година.

-Образованието не е како другите сектори. Училиштето не е кафуле во кое доаѓаш и си одиш или маркет од кои ги купуваш потребните продукти и си заминуваш. Тука се стекнуваат нови знаења, навики, во овие дворови се раѓаат првите другарства. Тука се градат новите генерации. Затоа пристапот кон образовната сфера мора да биде поинаков. Затоа, да дадеме шанса и одговорно да ја почнеме учебната година-изјави Богоев.

Тој напомена дека ги разбира сите стравувања и дилеми на родителите и наставниците, но нагласи дека ако меѓусебно се поддржуваме и бидеме одговорни, ќе имаме успех.

Локалната самоуправа за сите ученици – првачиња обезбеди училишен прибор, а летниот период беше искористен и за  тековни реконструкции по училиштата.

Директорката на „Димо Хаџи Димов“, Весна Кочовска истакна дека целиот наставен кадар и стручни служби на училиштето се подготвени и ќе бидат постојано достапни за  учениците и родителите.