На македонскиот штанд на Канскиот филмски фестивал се сретнаа директорот на грчкиот Филмски центар, Василис Космопулос и директорот на Агенција за филм на Македонија, Горјан Тозија. Ова претставува историска средба бидејќи е прв официјален состанок на челните луѓе на овие две филмски институции од двете земји, посочија од Агенцијата за филм од каде што истакнаа дека на состанокот било констатирано дека поскоро треба да се започне со заедничка соработка со цел да се надомести изгубеното време во последните 20 години.

Директорите разговарале и за конкретни проекти и иницијативи, а договорен бил и календар на активности кои се очекува да започнат во следните два месеца.

„Оваа средба е од историско значење, и уште еднаш се докажа дека јазикот на уметноста и размената на идеи од културата се придобивка и за самите земји и со тоа воопшто за севкупната европска и светска култура. Филмската уметност не е условена од политичките туку од креативните национални кодови, а тој јазик е универзален и разбирлив за сите. Се надевам дека со Космопулос ќе го надоместиме загубеното време и ќе реализираме плодни соработки и успешни филмови“, изјави Тозија по средбата.

Космопулос го посети македонскиот штанд и сподели искрени честитки за нашиот прием во Европската асоцијација на филмски агенции – EFADs. Оваа средба се случи по приемот на Агенцијата за филм во Европската асоцијација на филмски агенции EFAD’s која исто така се одржа за време на Канскиот филмски фестивал.

Јакнење на филмскиот потенцијал, регулирање на авторските права, борба против пиратеријата, негување на филмското образование, ширење на филмската продукција, филмското наследство и филмската уметност достапни до поширок аудиториум се основните придобивки од членството на нашата Агенцијата за филм во Европската асоцијација на филмски агенции EFAD’s. Таа го претставува гласот на европските филмски агенции и брои 33 членки од европскиот континент, а одборот на EFADs е составен од претставници на 12 земји.