Во затворена група на „Телеграм“ македонски средношколци споделуваат експлицитни фотографии од врсници

317

Преку затворена група на социјалната мрежа Телеграм со наслов „Јавна соба“, македонски средношколци споделуваат и коментираат на интимни фотографии и видеа на малолетни девојчиња од земјава, најчесто нивни врснички, пишува Радио МОФ.

До Радио МОФ реагираа средношколци кои пристапиле до групата и појаснуваат дека дел од сликите кои се објавуваат и коментираат се преземени од отворени профили. Сепак, додаваат дел биле испратени преку приватни пораки, но потоа се нашле во „Јавна соба“ на Телеграм. Најголемиот дел им припаѓаат на малолетни девојчиња.

Голем дел од фотографиите и видеата кои се споделуваат и коментираат се преземени од веќе постоечки страници на интернет, но во „Јавна соба“ се поврзуваат со конкретни личности, најчесто малолетни девојчиња од земјава, при што се наведува името и презимето или градот на живеење.

За случајот веќе јавно проговорија повеќе професори и наставници.

Професорката Ќупева на Фејсбук денеска го објави следниов пост.

“Јавна соба“ е името на групата што деновиве се шири меѓу средношколците во Скопје и низ другите градови. Станува збор за група која е креирана на апликацијата Telegram. Комуникацијата е идентична на Вибер – комуникацијата.

За неполни три дена се зачлениле повеќе од 7300 членови.
Членовите на оваа група, во слободна, отворена ( вулгарна) комуникација со другите членови, споделуваат и коментираат експлицитни фотографии од девојчиња од различни градови. Тоа се најчесто оригинални порнографски слики и видеа.
Дел од тие фотографии се лажни, но се поврзуваат со конкретни имиња, така што девојчето – жртва нема можност да докаже дека таа не е всушност девојката на фотографијата.

Ова е група во која се споделуваат фотографии од малолетни девојчиња, од 12, 13 години и малку поголеми. Фотографиите се преземени не само од отворени Инстаграм профили туку и од приватни пораки меѓу двајца соговорници ( девојчиња кои претходно испратиле приватни интимни фотографии до свои пријатели).
Во оваа група може да се пристапи со лажен профил, па во неа веројатно има и возрасни лица.

Прегледот на оваа група покажува дека ова е платформа во која се објавуваат порнографски материјали на малолетни девојчиња и тоа со име и презиме или само со име и место на живеење.

Секој член на групата може да ја зачува објавената фотографија и истата да ја користи за свои цели.

Институциите се на потег !!!

Ова е аларм за сите нас – најмногу родителите, па училиштето и целата заедница. Пред очи ни се случува дегенерација на новата генерација млади и општ пад на моралот на сите нивоа.

Ова е крајно загрижувачка, сериозна опомена дека децата, воспитанието и нивното образование се најзапоставените приоритети.

Очигледно е дека во нашата лична, секојдневна и поширока, општествена агенда – тие дефинитивно се на последното место.