Во кинескиот град Фуџоу, во рамките на 44. сесија на Комитетот за светско наследство, при организација на ОН, деновиве имаше бурни реакции токму околу ставот дали Охридскиот регион треба да биде ставен на листата на загрозено културно наследство или не.

Делегациите имаа спротивставени ставови по однос на Амандманот на Босна и Херцеговина, која предложи Македонија и Албанија да добијат уште две години рок за исполнување на барањата од Реактивната мисија на УНЕСКО, па така Норвешка истапи со јасен став дека на двете земји не треба да им се даде дополнителен период за да постапат по препораките, поради што гласањето беше одложено.

Во меѓувреме можеа да се слушнат и различни толкувања за причините за пролонгирање на одлуката за статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, од тоа дека кај делегациите сепак постои волја рокот за отстранување на забелешките за загрозено природно и културно наследство на Охридскиот регион да се пролонгира до 2023, до тоа дека регионот треба да биде ставен на Листата на загрозени подрачја, на што инсистираат невладините организации.

Премиерот Зоран Заев,пак, викендов истакна дека секоја одлука за Охрид ќе се почитува, но дека ќе му биде драго ако земјава добие дополнителен рок за да ги исполни препораките на УНЕСКО и да избегне поместување на Листата на светски богатства во опасност

„Не е во ред светот да води грижа за Охрид, туку пред сè, треба ние да водиме и верувам дека ќе успееме“, истакна Заев во пресрет на одлуката за Охридскиот регион. Тој додаде дека е задоволен од досегашните резултати и дека градот и понатаму ќе се развива. Сепак посочи и дека за Охрид одлучуваат експерти, а не политичари и дека не лобирал во УНЕСКО.

„Таму нема политика. Северна Македонија во овој период испрати многу силни меѓународни пријатели, но таму се исклучително експерти и професионалци. Норвешка, на пример, го води целиот овој проект и е најгласна, но не може Заев да се јави на премиерката на Норвешка. Тоа не функционира така. Врз основа на докази, врз основа на сето тоа што е направено, дебатата е отворена“, истакна Заев, кој додаде дека каква и да е крајната одлука на УНЕСКО треба да се извлечат поуки.

Градоначалникот на Охрид истакна дека уривањето на дивоградби ќе продолжи после туристичката сезона. „Доколку Охридскиот регион биде ставен на листата, тоа ќе значи дека ќе ги дуплираме нашите напори за имплементација на препораките на УНЕСКО, секако одлуката ќе ја почитуваме. Доколку пак, добиеме екстра две години за имплементација на препораките, тогаш ќе продолжиме уште поодговорно, уште порешително да ги имплементираме сите препораки и зададени задачи“,рече Георгиески.

Иако гласањето за судбината на Охридскиот регион требаше да се случи вчера,  до затворањето на весникот официјална одлука немаше.