Во ЕУ кршењето на санкциите ќе биде казниво дело

44

Европска комисија денеска објави предлог директива, според која кршењето, заобиколувањето или ограничувањето на санкциите кон трета земја би се сметало за казниво дело во сите земји-членки на Европска унија.

ЕК предлага серија заеднички правила што треба да ја олеснат истрагата, гонењето и казнувањето на прекршувањата на рестриктивните мерки во сите земји-членки.

– Ова значи дека заобиколувањето или обидот да се заобиколат рестриктивните мерки со прикривање имот или прикривање на фактот дека некое лице е крајниот сопственик на имотот ќе стане кривично дело. Во зависност од кривичното дело, лицето би можело да се казни со максимална затворска казна над пет години, а компаниите би можеле да подлежат на санкции во висина од најмалку пет отсто од вкупниот промет на светско ниво, наведе ЕК.

Според ЕК од клучно значење  е целосно да се спроведат рестриктивните мерки на ЕУ и да се казни прекршувањето на тие мерки додека продолжува руската агресија врз Украина.

Спроведувањето на рестриктивните мерки е предизвик, бидејќи не е лесно да се одредат имотите на руските олигарси, што се скриени во различни јурисдикции, благодарение на сложените правни и финансиски структури. Предложената директива ќе ги затвори постоечките правни дупки и ќе го зголеми застрашувачкиот ефект на кршење на санкциите на ЕУ.