Во Европа земјоделците со реални проблеми, а во Македонија со „политички„

Земјоделците се незадоволни поради новите аграрни политики за ограничена употреба на пестициди и ѓубрива и начинот на одгледување на добитокот.  За разлика од протестите на европските земјоделци, кои се мотивирани од конкретни проблеми, кај нас речиси секогаш земјоделските протести се „етикетираат“ како политички мотивирани како земјоделците да ги немаат истите проблеми

98

Ниските откупни цени на земјоделските производи не само во Македонија, туку во цела Европа, ги однесоа земјоделците на улица и ги испразнија нивите. Новите аграрни политики за ограничена употреба на пестициди и ѓубрива и начинот на одгледување на добитокот предизвикаа револт кај земјоделците и штрајкови и блокади низ повеќе европски градови.

Француските земјоделци со трактори го блокираа Париз, а целта на   демонстрациите е да се зголеми притисокот пред трговските преговори со трговците на големо, откако неодамнешниот договор постигнат со посредништво на владата, не предизвика никакви видливи промени за земјоделците.

-Ние сакаме да дистрибуцијата ја игра играта, а не како што направи „Лидл“ пред десет дена, кога мелен стек се продаваше 6,75 евро за килограм, што е голем скандал, Тоа е како кога „Карфур“ продава литар млеко за 0,87 евра, вели Кристиан Ламбер, претседател на најголемиот синдикат на земјоделците ФНСЕА.

Некои од претставниците на синдикатите ги критикуваат и договорите за слободна трговија кои ги склучи ЕУ, со што ќе биде зголемен увозот на земјоделски производи, тие бараат средба со претседателот на републиката.

Земјоделците се незадоволни и поради тоа што постојано се покажани со прст, посебно сточарите, така од пред десетина месеци се забележани недозволени навлегувања во 50-ина фарми, а само минатиот викенд беа опожарени три земјоделски згради на производители на млеко, при што беа убиени 30 говеда.

И на улиците во Берлин на протест излегоа 10.000 земјоделци и 5.000 трактори кои го блокираа сообраќајот во главниот град. Тие протестираат поради новите земјоделски политики на германската Влада.

Демонстрантите сметаат дека новите планирани ограничувања поради заштитата на околината се претерано рестриктивни и дека Владата не им оневозможува на домашните земјоделци да бидат конкурентни со своите производи.

Кабинетот на канцеларката Ангела Меркел во септември годинава одобри низа нови аграрни одредби, вклучувајќи го ограничувањето на употребата на пестициди и ѓубрива за да се заштитат инсектите и подземните води.

За разлика од протестите на европските земјоделци кои се мотивирани од конкретни проблеми, кај нас речиси секогаш земјоделските протести се „етикетираат“ како политички мотивирани како земјоделците да ги немаат истите проблеми. Таков беше случајот и со последниот протест на земјоделците во октомври каде власта обвинуваше дека се организирани од опозицијата, а земјоделците дека протестираат поради погубните аграрни политики.

Земјоделците бараа само редовна исплата на субвенциите и повисоки откупни цени на земјоделските производи. (А.С.)