Во „Дрисла“ ќе се палат лекови со поминат рок

116

Во депонијата „Дрисла“ неделава ќе се врши палење на лекови со поминат рок. За таа цел, печката ќе работи од 6 до 8 часа, а во текот на работењето ќе се врши мониторинг на емисиите што ќе излегуваат од оџакот на печката.

За таа цел, од ЈП „Дрисла“ упатиле известување до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), а минатата недела бил направен вонреден надзор од главниот инспектор за животна средина.

– Од главниот инспектор за животна средина е реализиран вонреден инспекциски надзор по писмено известување од депонијата „Дрисла“ за палење опасен отпад – лекови со изминат рок. Печката ќе биде во работен режим 6-8 часа во текот на неделата, согласно со одговорот на Управата за животна средина при МЖСПП на барањето за промена на А – интегрираната еколошка дозвола. Во текот на работењето на печката, континуирано ќе се врши мониторинг од „Технолаб“ – Скопје, акредитирана лабораторија за животна средина. Резултатите од мерењето ќе се доставуваат до ДИЖС и до Управата за животна средина – потенцираат од ДИЖС.

Инспекторатот деновиве направи вонреден надзор и во Горно Коњаре, Општина Петровец, по реакции на граѓани на ова село за ископ на песок, чакал и камен од коритото на реката Пчиња, делница м.в. под селото на КП 2208/1 КО Горно Коњаре. При надзорот, било констатирано дека на посочената локација ресорното Министерство за животна средина има издадено три дозволи, и тоа: УП1-11/5-1991/22 од 1.3.2023, УП1-11/5-243/23 од 23.2 2023 и  УП1-11/5-1604/22 од 7.9.2022.

– ДИЖС издаде усна наредба за привремена забрана за правните субјекти кои имаат добиено дозволи за уредување на речното корито (првите две дозволи) поради измени на техничката документација и нова ревизија на основен проект до добивање на измена и дополнување на дозволите за вадење на песок, чакал и камен од реката Пчиња од страна на МЖСПП. Правните субјекти се повикани в понеделник, 29.5.2023 год. да дојдат во просториите на ДИЖС и ја донесат целокупната документација во врска со дозволите – велат од ДИЖС.

Оттаму информираат дека од ДИЖС поднеле барање до Комисијата за спогодување при МЖСПП за поведување постапка за спогодување со ЈП „ЈСП“ – Скопје за сторен прекршок од втора категорија, согласно со член 212 став 1 точка 18 од Законот за животна средина (не постапиле по решение издадено од државен инспектор за животна средина).

– Глобата за овој прекршок за голем трговец, како во случајов, изнесува од 126.000-140.000 евра во денарска противвредност – потенцираат од Инспекторатот.

(С.Бл.)