Деца во десетина скопски училишта заразени од жолтица

ДАЛИ НИ СЕ ЗАКАНУВА УШТЕ ЕДНА ЕПИДЕМИЈА Од Министерството за здравство  потврдуваат дека за четири месеци во Скопје се регистрирани 60 случаи на заразна жолтица, главно во неколку училишта, а ниту еден случај нема во градинка. Бројките се двојно поголеми во споредба со истиот период лани. Од заболените 17 лица биле хоспитализирани, а од нив 10 биле деца

161

Заразна жолтица од типот хепатит А, регистрирана во речиси десетина скопски училишта. Од Министерството за здравство потврдуваат дека за четири месеци во Скопје се регистрирани 60 случаи на заразна жолтица, главно во неколку училишта, а ниту еден случај нема во градинка. Бројките се двојно поголема во споредба со истиот период лани. Од заболените, 17 лица биле хоспитализирани, а од нив 10 биле деца.

Како што информираат од Министерството за здравство во пет основни и  четири средни училишта има регистрирано ученици со жолтица. Според нив, изворот на заразата не се училиштата, но сепак апелираат за поголема лична хигиена. Тие потенцираат дека ако учениците покажат какви било симптоми на болест да се ослободуваат од настава за да се спречи ширењето на заразата.

– Жолтицата не е високозаразна болест, како што се морбилите, затоа нема простор за паника, со оглед на тоа што со редовно применување на правилата за лична хигиена се спречува ширењето на болеста – објаснуваат од ресорното министерство.

Тие укажуваат дека за секој појавен случај во кое било училиште, епидемиолошка екипа вршат санитарно хигиенски и епидемиолошки увид, по што се препорачуваат против епидемиски мерки за превенција од ширење на болеста во училиштето.

-За да не се шири болеста потребно е детално континуирано механичко чистење на објектот, зајакната дезинфекција посебно на санитарните јазли од страна на училиштето, како и вонредна дезинфекција од страна на службата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација (ДДД) од ЦЈЗ Скопје. Неопходно е да се обезбеди течен сапун за раце, како и течен дезинфициен за санитарните јазли- појаснуваат од ресорното министерство и дополнуваат дека се препорачува  едукација на учениците за одржување на личната хигиена, како што е редовно  миење на рацете, правилно користење на бришачите за подови од страна на хигиеничарките, како и посебни брисачи за санитарните јазли.

Како што појаснува за весникот ВЕЧЕР, д-р Билјана Данаиловска, специјалист епидемиолог и раководител на Одделението за епидемиологија во Центарот за јавно здравје – Скопје, будно се следи состојбата со оваа заразна болест која не е високоризична, како што е малата сипаница, но сепак се преземени сите мерки заразата да не се шири.

Според неа досега во 12 скопски општини има по некој случај на заразна жолтица од вкупно 17 општини. Досега епидемија на жолтица е прогласена во Кочани и Ново село, Струмичко.

Заразната жолтица е акутно, вирусно, заразно заболување што најчесто лесно се прележува, поретко со компликации, но е болест со ниска стапка на смртност. Заболувањето најчесто се  пренесува по фекално-орален пат и најчесто е заразна болест која може да се појави спорадично или во епидемиска форма.

Најчесто заразната болест, или како уште се нарекува болест на нечисти раце,  се јавува во услови кога се лоши санитарно-хигиенски услови или по поплави или други природни катастрофи. Болеста е присутна во сите делови на светот, но почесто епидемии се јавуваат во послабо развиените или неразвиените земји во светот, како што се земјите на Африка, на Блискиот и Далечниот Исток и во Јужна и Средна Америка.

(В.Ма.)