Во двокреветна соба само еден станар, во повеќекреветна максимум две лица, пари за оние кои нема да бидат примени

41

Студентските и средношколските ученички домови ќе бидат отворени со почитување на Протоколите за сместување. Владините министри ја прифатија препораката на Комисијата за заразни болести во една двокреветна соба да може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета да престојуваат максимум две лица.

За да се реализра овој услов, Владата ќе достави Предлог измени и дополнувања во Законот за студентски стандард и во Законот за ученички стандард.

– Со измените содржани во овие предлог закони, се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата – информираа од Владата.

Се оценува дека заради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.

Студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk за да ги внесат потребните податоци и докази, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраењето на предвидено со овие измени.

Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести, која, по укажувањата на Министерството за образование и наука за потешкотиите со кои се соочуваат децата со посебни образовни потреби во следење на онлајн настава, одобри наставата со физичко присуство на овие деца да се реализира со мал број на деца во различни смени. При тоа целосно треба да се почитуваат Протоколите дадени од МОН.

– Училиштата што имаат интернатско сместување да ги опфатат само своите ученици, при што во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица – информираа од Владата.