Во Грција 151 нов случај на Ковид-19, Владата воведува дополнителни мерки

27

Во Грција веќе четврти ден има троцифрен број нови случаи на Ковид-19, а во изминатите 24 часа е регистриран 151 новозаболен, од кои само седум по тестовите направени на влезните точки во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Од почетокот на епидемијата регистрирани се 5.270 заразени лица, а починаа вкупно 210.

Според грчките медиуми најголемиот број денешните нови случаи се во 23 регионални единици во Грција. Најголемиот дел – 46 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, во чии рамки е и островот Порос каде што од утрово во сила се рестриктивни мерки поради големиот број заразени лица.

Во Солун има 38 случаи, 15 во Еврос, сите поврзани со свадба, шест во Лариса и од еден до три случаи во други делови на Грција.

Секретаријатот за цивилна заштита, по препорака од Комисијата на епидемиолози, а со одлука на надлежниот министер соопшти нови мерки и продолжување на една од постоечките.

Од среда, за сите оние кои во Грција ќе пристигнат од Малта задолжително е да имаат негативен тест за Ковид-19, направен 72 часа пред патувањето.

Во следниот период се откажуваат сите литии, како и панаѓури.

Забраната за стоење во сите ноќни клубови, барови, кафулиња, клубови со жива музика и слично се продолжува до крајот на месецов.

Извор:МИА