Во Грција регистрирани рекордни 262 случаи на Ковид-19

35

Бројот на нови случаи на Ковид-19 во Грција од ден на ден се зголемува, за денеска да достигне до рекордни 262 новозаболени, додека пак починаа уште две лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Од новите случаи, 22 се по направените тестови на влезните точки во земјата, а 36 се во Дом за стари лица во Солун.

Шефот на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас итно замина за Солун за одблиску да ја види ситуацијата во Домот за стари лица. Тој истакна  дека 33 случаи се кај лицата сместени во домот, а останатите тројца кај персоналот, додека пак вирусот го пренел вработен.

Во однос на зголемениот број нови случаи во Солун и во Атина, Циодрас истакна дека голем процент од нив се од лица кои се вратиле од одмор или на Халкидики или на Кикладските Острови.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани 6.177 случаи на Ковид-19, а починаа 216 лица.