Во Грција од утре дозволена музика во кафеаните и кафулињата, а од 1 јули без полициски час

Од утре во Грција ќе може да се пушта музика во кафеаните и кафулињата, кои и понатаму ќе работат само во надворешните делови и само за посетители кои седат на маса, а на настаните на отворено се зголемува капацитетот од 50 на 75 отсто. Доколку епидемиолошката слика продолжи да се подобрува од 1 јули, полицискиот час целосно ќе биде укинат, а на прославите ќе бидат дозволени најмногу 300 гости, наместо 100 како што е сега

538

Во Грција од утре полицискиот час ќе биде пократок и ќе почнува во 1:30 часот, наместо 00:30 како што беше досега, а на угостителските објекти ќе им биде дозволено да пуштаат музика. Исто така, до крајот на јуни се очекува во Грција без ПЦР-тест да може да влегуваат децата до 12 години. Мерките кои важат во Грција се однесуваат како на грчките државјани така и на туристите.

Олабавувањето на мерките во Грција е по препорака на Комисијата на епидемиолози и намалувањето на бројот на новозаразени. Така, од утре во Грција ќе може да се пушта музика во кафеаните и кафулињата, кои и понатаму ќе работат само во надворешните делови и само за посетители кои седат на маса, а на настаните на отворено се зголемува капацитетот од 50 на 75 отсто.

Доколку епидемиолошката слика продолжи да се подобрува, од 1 јули полицискиот час целосно ќе биде укинат, а на прославите ќе бидат дозволени најмногу 300 гости, наместо 100 како што е сега.

Во Грција може да влезете со сертификат за вакцинација, а последната доза мора да биде аплицирана најмалку 14 дена пред пристигнувањето. Грција ги признава сите вакцини. Ако не сте вакцинирани како доказ може да прикажете и потврда дека сте прележале ковид-19, дијагностициран со позитивен ПЦР-тест или потврда за присуство на антитела со важност од 2 до 9 месеци од датум на дијагностицирањето на болеста.

Од туристичките агенции од земјава, кои организираат патувања во Грција, велат дека интересот на нашите граѓани за летување во оваа земја расте, се прават нови резервации. Некои од туристичките агенции во соработка со лабораториите и здравствените установи нудат можност граѓаните ПЦР-тест да извадат преку нив. Цените на тестовите се различни во зависност од тоа во која туристичка агенција е направена резервацијата за патување, а се движат од 900 до 1.300 денари.

Освен ПЦР-тест агенциите на клиентите им нудат и помош за пополнување на ПЛФ-формуларот, кој е задолжителен документот за влез во Грција и кој содржи лични податоци, траење и адреса на престој. Овој формулар може да се покаже во отпечатена верзија  или од мобилните телефони.

Од туристичките агенции велат дека грчките туристички капацитети ги почитуваат сите протоколи за безбеден престој на туристите кои важат во цела Европска Унија и се препорачани од СЗО. Сите туристички работници се вакцинирани, се почитуваат сите здравствени мерки што ги препорачува грчката влада.

Според протоколите на здравствените власти во Грција, секој работодавец е должен два пати неделно да ги тестира вработените, во спротивно плаќа висока глоба. Во секое туристичко место има пунктови за брзи тестови за ковид-19. Овие пунктови најчесто ги посетуваат туристите на кој за враќање во нивната држава им се бара негативен брз тест. На плажите не се носат маски, а има зголемено растојание меѓу лежалките.

Поголем прилив на странски туристи во Грција се очекува на крајот на јуни или почетокот на јули.

Грција годишно ја посетуваат околу еден милион македонски туристи. Во преткризната 2019 година Грција ја посетиле 948.000 македонски државјани, што е за 20 проценти помалку во споредба со 2018 кога имало еден милион 187 илјади македонски туристи.

(А.С.)