Во Грузија протест против напливот на Руси кои се обидуваат да избегнат мобилизација во својата земја

32

Во Грузија, во близина на граничниот премин со Русија, денеска се одржа протест против пристигнувањето на голем број Руси кои бегаат во кавкаската земја за да ја избегнат најавената мобилизација во својата земја.

„Путин е терорист“, „Русија убива“, можеше да се прочита на некои плакати што ги носеа демонстрантите во близина на граничниот премин Казбеги. Тие вееја и украински и грузиски знамиња.

Бројот на пристигнувања на овиј граничен премин бележи нагло зголемување откако рускиот претседател Владимир Путин минатата недела објави „делумна“ мобилизација за поддршка на инвазијата на Украина. Според грузиските власти, бројот на пристигнувања од Русија е речиси двојно зголемен во последните денови, достигнувајќи околу 10.000 дневно.

Напливот бегалци, првиот регистриран од почетокот на инвазијата кон крајот на февруари, предизвикува тензија во грузиското општество, кое војуваше против Русија во 2008 година.

Денешниот протест, на кој беше интонирана украинската химна, го организираше прозападната опозициска политичка партија „Дроа“.

– Ова неконтролирано и невидено доаѓање на Русите создава проблеми за безбедноста на Грузија, рече Тамарa Гвинианиѕе, која е меѓу организаторите на протестот. – Границата мора веднаш да се затвори бидејќи владата покажа дека не е во состојба да се справи со оваа миграциска криза, додаде таа, најавувајќи дека во наредните денови ќе се одржи уште еден протест.

Преку границата, властите во руската област Северна Осетија најавија ограничувања за влез на возила од други региони на Русија, мерка која има за цел да го спречи приливот на патници во соседната земја.

Откако минатата недела беше најавена мобилизација, десетици илјади Руси заминаа во соседните земји. Казахстан, Монголија, Ерменија и Финска, исто така, забележаа значителен пораст на пристигнувања од Русија.