Во градот под Исарот, на 21 и 22 октомври – „Макфест 2022“ во Штип

233

Со Ламбе Алабаковски, Викторија Лоба, раперот Пајак, Виктор Апостоловски, евровизиската ѕвезда Андреа, водителката Лила, директорот Роберт Саздов…..Фестивалско-визуелен ефект оваа година ќе биде црвениот килим како во Холивуд, за пречекот на пејачите, музичарите, новинарите… сè со цел „Макфест“ и на гламурозен начин да се доближи до сите нас.
Финансиските средства во висина од 4,5 милиони денари за одржување на Фестивалот биле обезбедени и од Општина Штип, од Министерството за култура, од голем број спонзори
, но и со медиумската поддршка и од весникот ВЕЧЕР

 Дуле Миќиќ/фото:Архива-ФБ

Те на средината од септември, те на почетокот од октомври, те едно време во јуни, те таму, те ваму. Вака некако беа раштркани термините во кои претходните години се одржуваше, со право би кажале, најпопуларниот македонски забавно-музички фестивал „Макфест“ во Штип, со интернационален призвук. Поради короната, две години се одржуваше на отворено место во затворено. А, во затворениот простор во Домот на културата „Ацо Шопов“ се враќа годинашното 37. издание на „Макфест“. И тоа не како што беше најчесто околу празникот 11 Октомври, туку нешто подоцна. Утврдени се датумите, па „Макфест2 022“ ќе се одржи на 21 и 22 октомври, во градот под Исарот. И со голем број промени. Она што го прави „Макфест“ навистина посебен е што во овие изминати години естрадата го обележа со многу хитови што станаа евергрини (ширум Југославија), и тоа во најразновидни музички стилови и жанрови: „Виолина и гитара“, „Кој да ти каже, Ивана“, „А, Бог да бие“, „Кога те нема“, „Да си мерак песна“, „Свирете ја зајди, зајди“, „Магија“, „Лажи ме, љуби ме“, „Дајте ги рацете“, „Бисеро моме, Бисеро“, „Ѕвона ѕвонат“… Но, најважно од сè е дека фестивалот не престана да постои иако понекогаш беше во финансиски кризи, кога не можеше ниту на акредитираните новинари да им обезбеди хотелско сместување. Тие некои времиња, за среќа, останаа зад нас.

А, откога стартуваше оваа манифестација, од пред 36 години, откако на нејзиниот врв застана Стојан Троицки, кој ѝ даде душа и знаење и кој успеа да ги доведе најголемите југословенски и наши естрадни ѕвезди на фестивалската сцена (од Кемал Монтено, Мери Цетиниќ, Крунослав Киќо Слабинац, Љупка Димитровска, Зорица Конџа, Зафир Хаџиманов, Слаѓана Милошевиќ, Иво Патиера, Марина Перазиќ до „Нови фосили“ со нивната прва пејачка – Ѓурѓица Барловиќ) да пеат на македонски јазик, па сè до денес, таа успешно се соочуваше со разноразни измени. Се приспособуваше на условите на дископазарот. Така што оваа година, по неколку години, уметнички директор нема да биде познатиот Владимир Дојчиновски-Дојчин. На негово место доаѓа познатиот Роберт Саздов. За водителите да не правиме муабет. Од водителската икона – легендарната Вера Јанковиќ, која беше тргната од нејасни причини, до минатогодишните Миро Кацаров и Ведрана Ѓорѓевиќ, оваа година низ фестивалската програма ќе нè води добро познатата сексапилна Лила Стојановска-Филиповска.

Впрочем, за огромниот интерес кај музичарите, пејачите, публиката, а и кај новинарите, зборува и самиот Саздов.

– Да, интересот е навистина голем и сите што сме вклучени во организацијата, нè радува тоа. Утврдена е фестивалската програма. Ќе има две вечери. Првата е натпреварувачка, со нови ултрамодерни песни и знам дека голем број од нив ќе станат хитови, додека втората вечер е од ревијален карактер. За тие најважни три награди од публиката, како и за наградата од жирито, нема да има класично познато натпреварување, но ќе има финансиска поткрепа за учесниците.

Ќе настапат 25-мина интерпретатори, меѓу кои и евровизиските ѕвезди Тамара Тодевска и Андреа Коевска, потоа момците од „Два бона“, пејачите Викторија Лоба, Ламбе Алабакоски, Виктор Апостоловски, а во дует ќе се претстават раперот Пајак и пејачката Лара Иванова. Тука е и ѕвездата од „Гранд“, Андријана Петрушовска, но и уште многу други. Сето ова ќе биде проследено и преку директен ТВ-пренос на фреквенцијата на Македонската телевизија, објасни Саздов. Што „во превод“ би значело дека немаме трпение, „Макфест 2022“ може веднаш да почне!