Во голем пожар во Рим уништен Железниот мост

38

Голем пожар синоќа го зафати и делумно го уништи Понте ди феро, индустрискиот, таканаречен железен мост што ги поврзува двете римски населби Остинезе и Трастевере.

Пожарот избувнал синоќа пред полноќ, а пожарникарите успеале да го локализираат околу еден часот утрово, јавува агенцијата Анса.

Зоната на железниот мост е центарот на ноќните собири во Рим.

Според првичните информации, нема човечки жртви, а некои очевидци тврдат дека пожарот избувнал во бараките на бездомниците под мостот, по што е создадено „стампедо“ од луѓе кои биле во околните ресторани и барови.

Како што јавуваат италјанските медиуми, пожарот загрозил и дел од гасните инсталации, а како мерка на претпазливост е исклучено снабдувањето со гас, електричната енергија и водата.

Градоначалничката на Рим, Вирџинија Раџа го посети местото на несреќата и изјави дека „најважно е што нема човечки жртви, но тажно е да се види дека е уништен дел од историјата“.

Пожарот изгоре дел од мостот кој се урна во реката Тевера, а останува да се утврди дали основната конструкција е оштетена или мостот ќе мора да се урне поради оштетување. Индустрискиот мост е изграден во 1863 година.