Во Гевгелија ќе се трча првата улична трка – пријавени 580 учесници од Македонија и странство 

54

Пред девет месеци АК „7 Ноември“ од Гевгелија започна со амбициозниот проект, на 7 ноември 2021 година, а по повод Денот на ослободување на Гевгелија, да ја организира првата улична трка во Гевгелија, по углед на истите такви трки во поголемиот број на градови, како во Македонија така и во Европа и светот.

Остануваат петнаесетина дена до денот кога во најтоплиот и најгостопримлив град Гевгелија ќе дојдат да трчаат голем број тркачи од земјава и од странство, и тоа беше повод да поразговараме со претседателот на клубот, Игор Коцевски за тоа до каде се работите околу организацијата на оваа трка.

– Сè оди по планот, ни изјави Коцевски, за старт на „November run Gevgelija 2021“. Пријавени до сега се 580 тркачи од Македонија, Унгарија, Косово, Албанија и Словенија, што ги надмина нашите очекувања, па затоа заинтересираните имаат време уште само до 24 октомври да се пријават на https://runnerspot.com/event/Gevgelija.

Изработен е елаборат за трка, порта за старт, оградување на настанот, мерење на патека, мерни станици.

– Нашата цел е да направиме настан кој ќе биде одржан на врвно ниво. Многу сме задоволни што во соработка со Атлетската федерација на Македонија, на оваа трка ќе го организираме и Државното првенство во трчање на 10 километри – информира Коцевски.

Патеката за трката „November run Gevgelija 2021“ е кружна, односно учесниците на трката на 5 километри трчаат еден круг, додека учесниците на 10 километри трчаат 2 круга. Награди се предвидени за најдобрите тројца во трката на 10.000 метри во машка и женска конкуренција и тоа за прво место 12.000 денари, за второ – 9.000 и за трето 6.000 денари.

Инаку, за трката од 5 километри, учесниците мора да имаат најмалку 14 години, додека за трката од 10 километри, учесниците мора да имаат навршено најмалку 16 години старост.

АК „7 Ноември Гевгелија“ постои само 2 години.

– На стартот започнавме само шест члена, за до ден-денешен да броиме над 60. Нашето прво заедничко трчање беше на 7 ноември 2019 година. До денес имаме учествувано на повеќе од 50-ина трки, а веќе за две недели ќе ја имаме првата улична трка во Гевгелија – вели Коцевски.

(Љ.А)