Во Гевгелија пристигнаа 16 граѓани од Украина, двајца побарале статус на мигранти, другите се сместија кај роднини

117

 

Иако, засега Македонија не е на патот на украинските бегалци, во Општина Гевгелија од почетокот на воените дејствија во Украина до денес пристигнале 16 граѓани на Украина кои избегале од виорот на војната.

Според изјавата на секретарот на Општинската организација на Црвениот крст од Гевгелија, Лазар Мешков, во соработка со  ОВР Гевгелија и Локалната самоуправа, тие будно ја следат ситуацијата и контактираат со сите овие граѓани, а со цел да им помогнат со информации и помош во ситуација кога се далеку од својата матична земја.

Првите седум украински државјани кои стигнале во Гевгелија, биле  две семејства кои од Киев  избегале со два авомобила и се сместиле во семејството на гевгеличанец, чија сопруга е од Украина. Тука останале само неколку дена, по што заминале за Словенија, вели Мешков.

Во моментот на територијата на општина Гевгелија, како што не информираше секретарот Мешков, престојуваат деветмина граѓани од Украина. Двајца од нив,  дечко и девојка од Одеса, веќе побарале статус на мигранти и остануваат засега сместени во приватен објект, а една постара жена е сместена кај нејзин роднина. Минатата сабота на еден од нив му е пружена и мала медицинска помош во Општата болница во Гевгелија.

Интересна е приказната за шестмината граѓани на Украина кои се сместени во домот на Јанко Бацев од населеното место Негорци, а се во роднинска врска со неговата фамилија. Се работи за дел од семејството на роднина на Бацев, кој бил офицер и во 1948 година заминал на усовршување во Украина, таму се оженил и создал фамилија. Тројца од овие шестмина доаѓаат од градот Харков, а тројца од градот Черновиц, град во близина на Романската граница. Откако избиле воените дејствија сите се собрале во Черновиц, ја поминале пеш Романската граница, а од Романија со воз,  автобус и такси стигнале до Бугарско-Македонската граница. Ја минале пеш, а од другата страна ги чекал нивниот роднина Бацев.

Овие граѓани деновиве беа посетени од градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој им вети дека во секој момент локалната самоуправа им стои на располагање, било преку Црвениот крст, било преку финансиска помош. Ќе ги искористиме сите ресурси кои се во наша надлежност со цел да им помогнеме, вели Сарамандов.

Инаку, сите овие граѓани на Украина ја раскажуваат истата приказна, кажуваат за стравотиите што ги преживеале, за тешките борби во Украина и за нивното патешествие од Украина до Македонија. Она што посебно треба да напоменеме е дека  не ги напушта оптимизмот  и веруваат дека еден ден ќе се вратат на своите родни огништа.

Како што појаснува Сузана Тунева Пауновска од Црвениот Крст на Македонија, тие се подготвени за прифаќање бегалци од Украина, бидејќи поради бројните бегалски кризи, одамна разработиле систем за поддршка на лицата што имаат потреба од хуманитарна помош, здравствена заштита, психосоцијална поддршка…

Капацитети за сместување бегалци има и во прифатно-транзитните центри „Винојуг“, на јужната и „Табановце“ на северната граница кои беа најактуелни за време на бегалско-мигрантската криза во 2015 година. Центрите можат да обезбедат краткорочно сместување за вкупно 971 лице. Капацитетот може да се прошири до 2.000 во итни ситуации. Како што велат познавачите на состојбите, од помош може да биде и центарот за азиланти во Визбегово, чијшто капацитет е малку искористен последниве години. (Љ.А.)