Во Гевгелија повеќе од двојно зголемена невработеноста од коронавирусот

39

Негативните ефекти врз светската економија, кои се последици од здравствената криза, не ја заобиколија ниту економијата во Гевгелија која моментно се наоѓа во боксерски „нок даун“, најмногу поради нејзината поврзаност и зависност од странските потрошувачи кои во најголем број доаѓаа од Грција.

Прометот е драстично намален во сите стопански сектори, а најмногу се чувствува во маркетите, казината, стоматолошките ординации, градскиот пазар, бензинските пумпи, кафичите и бутиците поради што негативно се одразува врз развојот на локалната еконимија.

Од почетокот на корона кризата, само од казината се отпуштени околу 400 работници од нетипични работни позиции и покрај тоа што станува збор за компании со меѓународен капитал кои често донираа опрема за болницата во Гевгелија и други градови во државата.

– Овој период минатата година во ПЕ на Агенцијата за вработување во Гевгелија биле евидентирани 560 невработени, а во септември годинава нивниот број се искачи на 1260 лица. Мислам дека оваа бројка на невработени во општина Гевгелија е дури и поголема затоа што голем број граѓани не се евидентирани во системот што значи дека сите не се активни баратели на работа, рече градоначалникот Сашо Поцков.

Грција претходно најави дека на 15 септември ќе ги отвори границите, но до денеска тоа не се случи иако продолжуваат секојдневните лобирања на здравствените и економските чинители од двете земји.

Преку граничниот премин „Богородица“ без пречки се одвива само товарниот транзитен сообраќај, а за влез во Грција, најдоцна до 23 часот секој ден, дури и на грчките државјани им се бара негативен ПЦР тест.