Во Гевгелија, Валандово и Дојран до 17 часот излезноста на гласачи надмина 50 отсто

41

Во општина Гевгелија, заклучно со 17 часот, според информацијата на ОИК, на избирачките места излегле 52,9 отсто од евидентираните граѓани со право на глас или 10.096 граѓани од вкупно 19.076 колку што се запишани во гласачкиот список.

Претседателот на ОИК, Митко Ризов, истакна дека на избирачкото место 0345 гласањето после 19 часот ќе биде продолжено за еден час и 40 минути колку што утрово било прекинато поради проблеми со апаратот за биометриско отчитување на податоци. На останатите 35 избирачки места во општина Гевгелија за Локалните избори гласачкиот процес ќе заврши во 19 часот.

Во општина Валандово, од запишаните 9.992 граѓани до 17 часот на 24 избирачки места гласале 5.229 граѓани, односно 52,34 отсто, а во општина Богданци излезноста изнесува 48,65 отсто, поточно на гласање на 12 избирачки места излегле 3.218 граѓани.

Во најмалата по број на жители општина Дојран, процентот на излезност изнесува 62,34 отсто или гласале 1.669 од вкупно запишаните 2.678 граѓани.