Во Галеријата „КО-РА“ отворена ретроспективна изложба на акварелистот Љубен А. Цветкоски

63

Во големиот салон на  Галерија „КО-РА“ во Домот на култрурата „Кочо Рацин“ во Скопје вечерва е отворена ретроспективната изложба на познатиот акварелист од Охрид, Љубен А. Цветкоски.

Како што истакна стручниот соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура Виолета Калиќ на отворањето на изложбата, Цветкоски е „инспириран од неодминливата и импресивна убавина на Охрид, како од поетиката на чудесната убавина на природата и блесокот на светлината која го овенчува крајоликот, така и од бројните многустолетни културни и сакрални паметници, од автентчната охродска архитектура и магичниот говор на столетијата и милениумите кои  оставиле исконска трага длабоко врежна и впиена во многуслојната археолошка, духовна и културно историска стратиграфија“.

На изложбата се претставени четириесетина дела од различни периоди, пејзажи, мртва природа, интимистичко сликарство, портрети, архитектура, низ кои се насетува неговата континуирана посветеност на аклварелот како техника застапена во историјата  од древните цивилизации. Беседа за уметникот и уметноста на акварелот одржа истакнатиот македонски поет, есеист, преведувач и литературен критичар Ефтим Клетников, а отворањето на изложбата беше проследено и со поетски настап на познатата поетеса Лидија Лучко Јеремиќ.