Во Виена средба на претставниците на Иран и на светските сили

20

Претставници на светските сили кои го потпишаа нуклеарниот договор со Иран во 2015 година денеска во Виена ќе имаат средба да се обидат да го спасат овој договор, но се чини дека патот дотаму е долг и опасен, наведува Ал Џезира. Сепак, претставниците на Иран и САД во Виена нема да бидат во иста просторија.

Најавата од петокот дека преостанатите членки на договорот – Иран, Кина, Франција, Германија, Русија и Велика Британија – ќе одржат средба лице в лице беше поздравена како добредојден развој на настаните за да се избегне целосен распад на договорот.

Иранскиот нуклеарен шеф, Али Акбар Салехи, минатата недела рече дека „блокадата (на договорот) е укината затоа што завршил „детскиот“ спор околу тоа кој треба да дејствува прв.

Претставниците на Иран и на САД, сепак, нема да бидат во иста просторија во Виена, бидејќи Техеран вели дека нема да има директни или индиректни разговори меѓу двете земји пред Вашингтон да ги укине строгите санкции воведени од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, откако тој еднострано го напушти договорот во 2018 година.

Една година подоцна, Иран започна да ја намалува својата усогласеност со условите на договорот како одговор на продолжувањето на американската политика на „максимален притисок“ и покрај противењето на другите потписници.

Сина Азоди од Атлантскиот совет вели дека Иран и САД неодамна сигнализираа политичка волја да се вратат на договорот.

„Но, прашањето е дали потезите на Иран и прекршувањето на договорот се реверзибилни, додека САД се во уште потешка ситуација бидејќи администрацијата на Трамп водеше политика на „тактика на опожарена земја“ за уништување на договорот, како и поради мрежата на санкции, изјави Азоди за Ал Џезира.

Извор: МИА