Во буџетот повеќе пари за младите да се вратат во селата и да се занимаваат со земјоделство

Посебен акцент во Буџетот за земјоделство е ставен на мерките за мотивирање на младите и жените да се занимаваат со земјоделство. Освен постоечката мерка наменета за млади земјоделци, во износ од 10 илјади евра, воведена е уште една мерка во износ од 20 илјади евра за лица над 40 години кои ќе се занимаваат со земјоделство

249

Вкупниот буџет на сите институции во земјоделство за наредната 2020 година  ќе изнесува над 9,4 милијарди денари, од кои најголем буџет од 7,4 милијарди денари има Платежната агенција која врши исплата на земјоделски субвенции. МЗШВ ќе добие над една милијарда денари, а буџетот на АХВ е 630 милиони денари.

-Овие пари ќе директно ќе се вложат во развој, модернизација и приближување на македонското земјоделство кон европското законодавство. Наредната година над 6,5 милијарди денари ќе бидат наменети за навремена исплата на субвенции од растително и сточарско производство, истакна министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

Од Програмата за рурален развој 800 милиони денари се наменети за капитални инвестиции, преработувачки капацитети, поддршка на рурална инфраструктура, изградба на пристапни патишта, промоција на македонските производи, инвестиции во повеќегодишни овошни и лозови насади, набавка на приплодни грла.

Посебен акцент во оваа Програма, како што рече министерот Димковски е ставаме на мотивирање на младите и жените да се занимаваат со земјоделство.

Со измените на Законот за рурален развој освен постоечката мерка наменета за млади земјоделци во износ од 10 илјади евра воведена е уште една мерка во износ од 20 илјади евра за лица над 40 години кои ќе се занимаваат со земјоделство. За зголемено учество на жените во агросекторот е воведена мерката за поддршка на активен женски член во земјоделско домаќинство во износ од 180 илјади денари.

За капитални инвестиции од водостопанска инфраструктура каде се планирани 830 милиони денари, министерот Димковски како позначајни ги издвои Јужновардарска долина втора фаза, хидросистемите Злетовица и Лисиче, браните Конско и Речани и хидросистемот Равен-Речица.

За проширена репродукција на шумите издвоени се 18 милиони денари, а за заштита на растенија, семе и саден материјал 73, 5 милиони денари. Од оваа сума 27 милиони денари се за фитосанитарна програма за зголемување на фитосанитарниот мониторинг, побезбедни и поквалитетни производи и поголем извоз.

-Наша крајна цел е да создадеме модерно и конкурентно земјоделство, силна економија и поквалитетен живот за младите. Вложување средства во земјоделците значи вложување во развој на државата, рече Димковски. (А.С.)