Во Битола пристигна опремата за кино „Манаки“

77

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, ја промовира кино опремата потребна за почнување со работа на Кино „Манаки“ во овој град. Опремата е набавена во рамки на проектот „Кинокултура“ што се реализира преку програмата Интеррег за погранична соработка меѓу земјава и Република Грција.

– Вредноста на опремата изнесува 64.215 евра и притоа набавени се проектор, проекционо платно, аудио опрема, лап топ, кабелска инсталација и друга опрема. Во договорот е предвидена обука на персонал кој ќе ракува со опремата, односно за проекции во отворен и затворен простор. За ентериерно уредување на киното „Манаки“, обезбедени се 7,6 милиони денари, средства од Министерство за култура, за капитални инвестиции до единиците за локална самоуправа за 2019 година, информираа од Општина Битола.

Со проектот Кинокултура, во објектот Кино „Манаки“ ќе има и туристички информативен центар, а во исто време, Општина Битола е пред склучување на договор за изработка на студија за валоризација на културно историското наследство во прекуграничната област и интерактивна веб апликација за истражување на културно – историските споменици во Битола.