Во Битола одбележанa 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

34

Делегација од Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски и претставници на општинскиот Совет, денеска положи свежо цвеќе пред Спомен куќата во која во ноември 1901 година престојувал македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Годишнината од раѓањето на Делчев, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење, ја одбележаа и претставници на Сојузот на борците, политичките партии и граѓански организации од Битола.

– Гоце Делчев, високо издигнувајќи го неговиот интернационален и космополитски поглед, преку неговата борба, идеали и пораки и денес ни дава поука, но и не обврзува на нашата голема должност да се грижиме за нашите вредности, да ги почитуваме традициите, да не дозволиме поделби и да го сочуваме македонското национално ткиво на достоинствен начин, порачаа учесниците кои денеска во Битола чествуваа за Гоце Делчев.

Спомен куќата е отворена во 1972 година, а на поставената плоча е посочен престојот  на Делчев во куќата во 1901 година и средбата со раководителите од Битола и Битолско каде исцрпно им ја осветлил борбата за национално и социјално ослободување и против врховизмот.