Екипата на Еуфоарм Пелистер и официјално е новиот ракометен првак, откако бранителот на трофејот Вардар, одигра нерешено на гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци – 32:32. Ваквиот кикс на „црвено – црните“ им овозможи на битолчани  да се стекнат со недостижна предност пред вардарци на едно коло до крајот на Супер лигата. Од друга страна пелистерци се изборија за победа во Охрид со која и дефинитивно станаа прваци на Македонија.

Тиквеш му направи многу проблеми на тимот на Владо Недановски, а во еден момент во вториот дел имаше предност од пет разлика, која беше прокоцкана, па во финишот дури и Вардар неколку пати имаше водство. Меѓутоа во последните секунди од мечот „црвено-црните“ примија гол, а во нападот не успеаја да дојдат до бодовите, па така Тиквеш му овозможи титула на тимот од Битола.

По ваквиот расплед на настаните во претпоследното коло од разигрувањето, последното – 14. коло е неважно и следниот викенд во Битола ќе биде доделен големиот пехар на новиот шампион. Следната сабота Еурофарм Пелистер подготвува голем ракометен хепенинг во Битола, со активности за фановите и пред натпреварот против Тиквеш, а и по самиот натпревар кога ќе биде крунисан шампионот на Македонија за сезоната 2022/23.

Екипата на Јовиќ и Шундовски загуби само еднаш во разигрувањето, но беше најконзистентна, за разлика од скопските екипи кои почесто грешеа. Еурофарм Пелистер, кој оваа сезона единствен го претставуваше македонскиот ракомет во групниот сегмент на евро-куповите, следната сезона ќе игра во групната фаза на Лигата на шампионите.

Претходно седумнаесет сезони на домашната сцена се менуваа шампионите од Скопје. Вардар и Металург со години ја водеа битката за тронот, поточно од сезоната 2004/05. Токму во оваа сезона беше последниот шампион кој дојде надвор од главниот град.

Пелистер во 2005 година беше последен шампион на Македонија, а да не е Вардар или Металург. На „вечната листа“ Вардар е неприкосновен на врвот со 15 титули, а сега зад него е Пелистер со седум титули. Третото место му припаѓа на Металург со шест, додека Борец и Преспа имаат по една титула.

Фото: Фејсбук – Е. Пелистер