Во Аеродром има паркови за миленици, ама нема корпи за кучешки измет

91

Општина Аеродром е првата општина со европско знаменце во Македонија и со планираните активности тежнее да стане зелена, со дрвореди и многу паркови каде жителите ќе можат да одморат или да ги прошетаат своите миленици. Но, токму тие места се претворени во тоалети на отворено затоа што сопствениците не го собираат изметот на своите миленици, а оние пак, совесните, кои уредно во кеси го собираат изметот немаат соодветна корпа каде да го фрлат.

– Специјални канти се поставуваат со одредена динамика и во согласност со барањата на граѓаните – потенцираат од Општина Аеродром, без да прецизираат колку сопственици се казнети затоа што не го собрале изметот од нивните миленици. 

Токму во таа насока, невладината организација Go green – Биди зелен, потпиша меморандум со кандидатите за градоначалник за општина Аеродром и на врвот на младинските барања е поставување на корпи за кучешки измет и нудење на бесплатни кесички за собирање на изметот долж булеварот „12-та Македонска бригада“.

Локалните власти од Аеродром се правдаат дека според податоците на општинската инспекција, до нивните служби веќе подолг период нема пристигнато поплаки на граѓаните за несовесното однесување на одредени сопственици, а според увидот на терен е констатирано дека главно се почитуваат правилата за чување миленичиња.

Според член 19 од Законот за јавна чистота на отворените простори на јавните објекти забрането е оставање на измет од домашни животни и миленичиња. Според овој закон, глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече на физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од членот 19.

Од Go green – Биди зелен детектирале повеќе недостатоци во општина Аеродром што сугерираат дека треба да се поправат. Предлагаат да се реновира паркчето кај амбулантата и трговскиот во населба Лисиче на улица „Митре Влаот“, да се обноват кошовите и головите и комплетно зеленилото, а во градинката на истата улица, старите лулашки да се заменат со нови и безбедни.

– Реновирање на летниковците на последна 5-ка во Ново Лисиче, и по можност инсталирање соларни панели за полнење на електронски уреди – нагласуваат од Go green – Биди зелен.

Поради недостаток на зеленило, предлагаат да се засадат дрвја на улица 1611, 1612, 1613 и да се среди каналот во Лисиче кој е обраснат со треви и полн со ѓубре.

– Реконструкција на фонтаната која не работи и е полна со ѓубре во трговскиот во населба Лисиче и да се пренамени за цвеќиња и зеленило. Позади трговскиот центар „Бисер“ да се постават подземни контејнери бидејќи сегашните често се преполнети. Во основните училишта и градинките, како и во населбите со куќи, да се постават канти за селекција на отпад – сметаат од Go green – Биди зелен.

Оттаму бараат да се расчистат дивите депонии до училиштето „Александар Македонски“ во Ново Лисиче кај автошколата „Шкорпион“ и средување на зеленилото.

– Да се постави физичка заштита од паркирање врз јавните пешачки, велосипедски и зелени површини во облик на столпчиња, жардиниери и слично и да бидат ангажирани комунални редари. При уредувањето на сите јавни простори и дворови на јавни објекти да се обезбеди паркинг за велосипеди пред зградите. Субвенции за специјални велосипеди, како на пример велосипеди за лица со посебни потреби (електрични велосипеди, трицикли, четирицикли, велосипеди на рачен погон итн). А во парковите да се тргнат светилките и да се заменат со нови што ќе се напојуваат од соларни панели, како и да се засади повеќе зеленило – предлагаат од Go green – Биди зелен.

(С.Бл.)