Во агросекторот ќе се инвестираат 15,5 милиони евра и ќе се отворат 100 нови работни места

123

Овие инвестиции се можност за решавање на проблемот откупот и на вишоците на земјоделски производи, бидејќи со нив ќе се отворат објекти за примарна обработка на земјоделски производи, винарници, кланици, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови…

Во агросекторот ќе се инвестираат 15,5 милиони евра и ќе се отворат 100 нови работни места од страна на приватни агрокомпании врз основа на закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари. Големиот интерес за овој оглас, како што истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски покажува дека постојат поволните услови за инвестиции во земјоделство и оти се враќа довербата кај домашните агрокомпании во државните институции.
– Пристигнати се 59 понуди од кои 39 се со комплетна документација, а 12 апликации се одбиени поради неисполнување на пропишаните законски услови. Вкупниот инвестициски фонд е 15,5 милиони евра, односно толку средства ќе се инвестираат во подигање на долгогодишни насади и во изградба на преработувачки капацитети што беше еден од фокусот на самиот оглас за доделување на овие 23 атрактивни блока на државно земјоделско земјиште, изјави Николовски и додаде дека со овие инвестиции се очекува да бидат отворени околу 100 работни места.
Тој информираше дека е завршена формалната обработка на документите и оти следува електронско јавно надавање.
– По јавното надавање ќе бидат склучени договорите кои ќе бидат заверени на нотар и во кои ќе стои точниот износ на инвестицијата. Бидејќи за работи за државно земјоделско земјиште, министерството ќе ја следи понатамошната реализација на договорите, појасни министерот.
Според министерот Николовски овие инвестиции се можност за решавање на проблемот со откупот и на вишоците на земјоделски производи, бидејќи со нивна реализација ќе се отворат објекти за примарна обработка на земјоделски производи, винарници, кланици, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови…
– Прифатливата бројка на понуди на овој оглас е јасен индикатор за довербата на бизниз заедницата од агросекторот, за поволните услови за инвестиции во самото земјоделство и за тоа дека соработката помеѓу МЗШВ и домашните земјоделски компании е на високо ниво, изјави Николовски и додаде дека очекува зголемување на вакви инвестиции кои ќе придонесат за поголем економски развој на регионите и отворање на нови работни места.
Тој додаде дека има голем интерес и за јавниот повик за доделување на државно земјоделско земјиште до 3 хектари за кое пристигнале рекордни 718 понуди, а голем интерес имало и за неатрактивното земјоделско земјиште.
Николовски најави дека на следната владина седница во вторник ќе се разгледаат Уредбата и Програмата за директни плаќања за 2019 година во кои е вградена методологијата за исплата на новата мерка за зелена нафта. По усвојувањето на Влада, како што кажа, во текот на следната недела ќе бидат расчистени техничките детали и фармерите ќе знаат на кој начин и во кој временски период ќе ја добијат зелената нафта. (А.С.)